Кирил Паковски

Абортусот и пеколот

Во еден сегмент од „Браќа Карамазови“ на Достоевски, група жени се собрани пред влезот на манастирот, чекајќи да се појави старецот Зосима. Меѓу нив е Настасја, ожалостена мајка што патувала оддалеку, го погребала својот син и дошла да побара утеха од старецот.

Таа му кажува дека синот имал три години без три месеци, дека бил последното од нејзините деца и дека по неговата смрт повеќе не може да се врати назад – ни кон домот, ни кон мажот, ни кон животот.

Зосима ѝ одговара дека треба да плаче, но и да се радува. Нејзиното чедо е пред Божјиот престол, радосно и среќно, заедно со ангелите, и од таму ја гледа. Потоа ја повикува да се врати кај својот маж, затоа што напуштањето на домот само ја продолжува несреќата.

Душата на детето се наоѓа во рајот. Според христијанските традиции, по конечниот суд неговата душа ќе се соедини со неговото тело, исто како што ќе се случи и со душите и телата на сите луѓе што постоеле на планетава.

Концептот за рајот во христијанските традиции опфаќа различни претстави: од конкретно место на блаженство, до филозофски замисли за блискоста на човекот со Бога. Во таа смисла, оние што се на небесата преку слободната волја ја прифатиле Божјата љубов и по смртта засекогаш живеат во единство со Него.

Обратно, преку отфрлањето на Божјата љубов, душата оди во пеколот. Тој е многу појасно и посликовито опишан од рајот. Стравот од вечната казна често бил посилен од надежта за вечно блаженство. Во наједноставните претстави, пеколот е физичко место – средновековен затвор во кој грешниците се вечно мачени.

Филозофските замисли за пеколот се дистанцираат од оваа претстава и повеќе се насочуваат кон вечното страдање на душата што свесно го одбила спасението. Во овие претстави, вечното страдање е вечната оддалеченост од Бога.

Во посуптилните филозофски интерпретации, Тој не е судија што им суди на луѓето и им пресудува каде ќе одат по смртта. Напротив, Тој е изворот на Доброто кон кое тежнее душата. Свесното отфрлање на Доброто значи самиот да се осудиш на вечно страдање.

Во оваа интерпретација, пеколот не е Божја творба, туку е исход на човечките гревови и на одбивањето на човекот да се покае.

Која било интерпретација да се земе како најблизок опис на задгробниот живот, двата контраста – Рајот и Пеколот – остануваат присутни.

Кој и да е описот на задгробниот живот, душата на детето на Настасја е во рајот. Но начинот на кој душата на детето стигнала до рајот, зависи од самата интерпретација. Филозофската интерпретација, која е веројатно поприфатлива за нашиот земен разум затоа што го исфрла вечното мачење, барем во формата што овде ни е важна, отвора други парадокси.

Во оваа интерпретација, дете помало од три години не ја достигнува возраста во која станува одговорно за сопствените мисли и дела. Односно, тоа сè уште не стигнало до возраст во која може да се зборува за негови лични гревови.

Од примерот во книгата на Достоевски се гледа дека овој концепт постои во православната духовна традиција. Слична идеја постои и во католичката доктрина – преку aetas discretionis, односно возраста на расудувањето. Според оваа интерпретација, децата пред седмата година сè уште немаат доволно развиен разум и волја за да бидат сметани за целосно морално одговорни суштества.

Овој концепт за моралната одговорност важи за сите деца пред и околу таа возраст.

Ова е важно затоа што историјата на човештвото е тесно врзана со една огромна форма на страдање: смртноста на новороденчињата и на малите деца. Низ поголемиот дел од човечката историја, приближно едно од две новородени деца не достигнувале возраст од петнаесет години. Затоа историските просеци на животен век при раѓање биле толку ниски: бидејќи огромен процент од популацијата не го преживува детството.

Дури и денес, околу пет милиони деца годишно умираат пред да наполнат пет години.

Рајот е полн со деца.

Христијанската традиција правото на живот не го врзува само за родените деца, туку самиот концепт на човечки живот го поставува уште од зачнувањето.

Во него влегуваат оплодената јајце-клетка, групациите на клетки, ембрионот и фетусот. Животот може да прекине во која било од овие фази.

Во католичката доктрина, човечкиот живот мора да биде почитуван и заштитен од моментот на зачнувањето. Затоа моралниот статус на животот не се менува според неговиот биолошки стадиум. Намерното прекинување на тој живот, без разлика во која фаза се случува, се смета за директен абортус и за тешко морално зло.

Од друга страна, спонтаниот абортус се смета за смрт пред раѓање. Тој исто така е честа појава. Еден од најпознатите историски примери е англиската кралица Ана, чии многубројни бремености, седумнаесет или осумнаесет, завршиле со спонтани абортуси, мртвородени деца или деца што починале во раното детство.

Во двата случаи, кога станува збор за задгробната судбина на нероденото дете, одговорот се остава на Божјата милост.

Одговорот се остава на Божјата милост, но според оваа филозофска интерпретација нема претерано многу отворени можности. Животот прекинат пред раѓање, во секој случај, спаѓа во живот што не достигнал фаза на развиени разум и волја.

Или рајот е дестинација за душата на неродениот човечки живот во која било фаза од неговиот развој, или тој живот постои како посебна категорија, одвоена од истата логика што се применува врз родените деца.

Една од најгласните критичарки на директниот абортус, без оглед на причината поради која се извршува, била католичката мисионерка Мајка Тереза. Во говорот при примањето на Нобеловата награда за мир во 1979 година, таа го нарекува абортусот „најголемиот уништувач на мирот денес“.

Чиј мир?

Светскиот мир – или мирот на монахињи што и самите немале деца? Доколку сите го следеле нејзиниот пат на целосна предаденост кон Бога, можеби ќе имавме вечен мир, но по цена на човечкиот живот на планетата.

Абортусот е сериозно морално зло во размислувањата на Мајка Тереза, но не ја исклучува можноста за покајание и спасение.

Постои можност една жена да направи абортус, целосно да се покае и потоа да тргне по стапките на Мајка Тереза. Во тој случај, според самата логика на филозофската интерпретација на спасението, таа би можела да спаси една душа повеќе од монахињата.

Постои и една радикална можност: сите жени да направат по еден абортус и ниту една од нив да не се покае. Во рамките на оваа логика, сите неродени човечки животи би завршиле во рајот, а сите жени во пеколот.

Постои и уште порадикална можност, но не сум сигурен дека сите жени би го избрале патот на покајанието и би тргнале по стапките на Мајка Тереза.

(Авторот е молекуларен биолог)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот