Убавата Лина и грдиот спортски систем
Зборовите на Лина Ѓорческа дека никој, освен нејзиниот тренер и семејството, не верувал во неа и дека немала институционална поддршка, треба да бидат аларм за сите што управуваат со македонскиот спорт. Каде потфрливме? Како е можно еден ваков талент најпрво да остане непрепознаен, а потоа и неподдржан? Затоа што ова не е индивидуален пропуст. Ова е системска слабост што трае со години.
Минативе денови сите повторно го почувствувавме она клише што многупати се покажало како вистина – спортот е најдобриот амбасадор на една држава. Тоа што еден спортски успех може да го направи за промоцијата на земјата и за нејзиниот меѓународен имиџ, ретко кој политичар може да го постигне, без разлика на бројот на дипломатски средби, меѓународни конференции или политички кампањи. Сите се почувствувавме горди на историскиот успех на Лина. Горди што доаѓа од една мала, сè уште недоволно развиена држава, која честопати е оспорувана на различни полиња и речиси незабележлива на глобалната сцена. Но, еве, Македонија зачекори и на тревата на Вимблдон. Тоа чувство на заедничка гордост и национално единство што го разбуди Лина е можеби најсилниот доказ за тоа што спортот може да направи, не само за еден спортист, туку и за цел народ.
Препорачано
Но, настрана спортската дипломатија што ни ја подари Лина.
Во фокусот сега треба да биде нејзината исповед. Нејзините зборови дека никој, освен нејзиниот тренер и семејството, не верувал во неа и дека немала институционална поддршка, треба да бидат аларм за сите што управуваат со македонскиот спорт. Ако навистина имаме одговорни луѓе во институциите, сега е моментот сите релевантни чинители да седнат на една маса и искрено да се запрашаат: каде потфрливме? Како е можно еден ваков талент најпрво да остане непрепознаен, а потоа и неподдржан? Затоа што ова не е индивидуален пропуст. Ова е системска слабост која трае со години.
Не ни треба Фејсбук-јавност, поттикната од револт, да собира спонзорства за да ја заменува улогата на државата. Тоа е благороден гест, но не е решение. Решението мора да биде институционално. Лина, за жал, не е единствената. Пред неа имало, а и по неа ќе има многу други талентирани спортисти/ки кои остануваат сами, потпирајќи се исклучиво на своите семејства и тренери. Она што особено ни недостига е критична маса на луѓе во самиот спорт – спортисти, тренери, клубови и федерации, кои ќе имаат простор јавно да го кажат своето мислење, конструктивно да критикуваат и да предлагаат промени без страв од последици. Денес таа критична маса речиси и да не постои. Ја направивме толку зависна од државниот буџет што за малкуте средства што ги добива, ретко кој се осмелува да проговори. А спорт без критика не може да напредува. Организација што не дозволува критика многу брзо престанува да учи од сопствените грешки, а без учење нема ниту развој.
Наместо да организираме донации преку социјалните мрежи, треба конечно да го подобриме Законот за спонзорство и да создадеме услови значително поголем дел од приватниот капитал да влезе во спортот, како што е случај во повеќето соседни земји (Косово е одличен пример). Треба да ја олесниме, а не да ја усложнуваме соработката меѓу приватниот сектор и спортските организации со непрактични административни бариери. Федерациите треба навреме да ги добиваат одобрените годишни програми и средствата за нивна реализација. Тоа не е привилегија, туку минимум услов за нормално функционирање. Денес тие планираат натпревари без да знаат дали ќе имаат средства да отпатуваат на нив. Плановите им се менуваат од месец во месец, а спортот не се гради во неизвесност. Во секоја федерација треба да постои комисија на спортисти која ќе ги застапува нивните интереси. Претставник од комисијата за спортисти треба да биде и член на управниот одбор на федерацијата. Спортистите треба да се омоќат за да ги знаат своите права, да можат слободно да ги искажат своите ставови и повторно да почувствуваат дека организациите постојат заради нив, а не обратно. Правилниците во федерациите треба да гарантираат слобода на говор, наместо секоја критика автоматски да се прогласува за нарушување на угледот на организацијата.
Потребни ни се изборни собранија на кои директорот или министерот нема да седи во првиот ред. Не затоа што не треба да постои соработка меѓу државата и спортот, туку затоа што изборите мора да бидат слободни, независни и ослободени од какво било чувство на политичко влијание. Во спротивно, каква порака им испраќаме на делегатите? Дека државата има свој фаворит? Дека е пожелно да се гласа во одредена насока? Дури и кога тоа не е намерата, самиот впечаток е доволен да ја наруши довербата во изборниот процес. Спортот може да биде автономен само ако неговите институции се слободни да одлучуваат без политички притисок, реален или перципиран.
Потребен ни е систем за препознавање и следење на таленти, сличен на оној што веќе функционира во Српскиот олимписки комитет, каде што преку едноставно дигитално решение младите спортисти систематски се идентификуваат и се вклучуваат во посебни програми за развој. Во таков систем, резултатите и напредокот на спортистите се дигитализираат и се водат на едно место, со што се овозможува континуирано следење на нивниот развој, споредба на перформансите и навремено препознавање на потенцијал. На тој начин не само што се следи тековната форма, туку се создава и основа за проценка на нивните идни резултати и потенцијални перформанси. И ваквото софтверско решение, во суштина, може да го имаме и ние.
Но за сево ова да функционира, потребни ни се силни национални спортски федерации и институции отпорни на лошото владеење и политичките притисоци, кои нема да се плашат да укажат кога нешто не функционира и да предлагаат подобри решенија. Потребен е и редовен, најмалку еднаш месечно, заеднички состанок на сите клучни чинители во спортот. Не мора секогаш да се согласуваат, ниту приватно да имаат добри односи. Но професионално имаат обврска да седнат на иста маса, да разговараат, да ги отвораат проблемите и да бараат решенија. Тоа не е прашање на добра волја, туку на одговорност. Тоа им го должат на спортистите, на граѓаните што го финансираат спортот и на државата што очекува резултати. Има многу работи што можат да се направат без да чинат многу пари. Потребни се рационалност, визија и волја и отворен ум. Но можеби тоа и најмногу ни недостига.
Ако и овој успех го проследиме само со честитки, приеми и фотографии, а не со сериозна анализа и реформи, тогаш повторно ќе го пропуштиме најважното. Лина ни даде причина да бидеме горди. Но најголемата почит кон нејзиниот успех нема да ја покажеме со аплаузи, туку со тоа што ќе изградиме спортски систем во кој следната Лина нема да мора да успева сама.
(Авторката е експертка по спортска дипломатија)
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


