Дали е подобро да прошетате пред или по јадење? Експертите открија кога е најкорисно пешачењето
Редовната прошетка е еден од најлесните и наједноставни начини да го подобрите вашето здравје, но многумина се прашуваат дали е покорисно да печашат пред или по оброкот. Експертите истакнуваат дека одговорот зависи од тоа што сакате да постигнете – слабеење, подобро варење или регулирање на нивоата на шеќерот во крвта.
Препорачано
Одењето на празен желудник, на пример, наутро или неколку часа по последниот оброк, може да го поттикне согорувањето на масните наслаги. Кога организмот нема свежо внесени калории на располагање, за енергија ги користи резервите, односно залихите на мастите.
Истражувањата покажуваат дека луѓето што вежбаат на празен желудник можат да согорат значително повеќе масти од оние што вежбаат по јадење. Освен тоа, прошетката пред оброк може да го зголеми нивото на енергија, да ја подобри циркулацијата и да има позитивен ефект врз нивото на шеќерот и на мастите во крвта.
Зошто е корисно да се пешачи по јадење?
Кратката прошетка по оброк може да му помогне на дигестивниот систем поефикасно да ја обработува храната. Бројни истражувања покажуваат дека одењето по јадење ги ублажува надуеноста, чувството на тежина и другите дигестивни проблеми.
Исто така, има позитивен ефект и на регулирањето на шеќерот во крвта. Само неколку минути лесно пешачење по оброкот може да му помогне на телото полесно да ја користи гликозата, што е особено корисно за луѓето што имаат дијабетес или сакаат да го намалат ризикот од негов развој.
Експертите наведуваат дека прошетка од 20 до 30 минути веднаш по оброкот е особено корисна за контрола на тежината.
Кога е најдобро време за одење?
Ако вашата цел е согорување на мастите, се препорачува да пешачите неколку часа по последниот оброк или наутро пред појадок.
Од друга страна, ако сакате да го подобрите варењето или да го одржите шеќерот во крвта стабилен, најдобро е да прошетате набрзо по јадењето, пред нивото на гликоза да достигне кулминација, што обично се случува помеѓу 30 и 60 минути по оброкот.
И неколку минути се корисни
Без оглед на тоа кога пешачите, редовната физичка активност има бројни здравствени придобивки. Ја подобрува работата на срцето и крвните садови, квалитетот на спиењето и расположението и може да придонесе за подолг животен век.
Ако немате време за долги прошетки, експертите истакнуваат дека дури и пет до десет минути лесно одење по оброкот може да има позитивен ефект врз здравјето и варењето. Исто така, одењето е подобар избор од интензивното вежбање веднаш по јадењето, особено за луѓе што имаат проблеми со варењето како што се рефлукс (киселини во желудникот) или синдром на иритабилно црево.


