Гидеон Леви

Етничко чистење 3.0

Треба да знаете дека, додека вие спиевте, еден народ чекор по чекор остануваше без својата земја.

Населбата Силван во Ерусалим има сè помалку жители. Под бизарни и скандалозни изговори, семејства се иселуваат од куќите во кои живееле со децении. Во Појасот Газа стотици илјади раселени луѓе се набиени во нeсоодветен за живеење бегалски камп. Некои никогаш нема да се вратат во своите домови кои веќе не постојат. Претседателот на израелскиот Совет за национална безбедност свика итен состанок за „поттикнување доброволна емиграција“ на жителите на Газа.

Химнута Елад, Еврејскиот национален фонд, Советот за национална безбедност, Израелските одбранбени сили, сефардското погребно друштво Хевра кадиша и Израелската цивилна управа – сето тоа се државни тела или непрофитни организации кои имаат една цел: етничко чистење 3.0. По успешните етнички чистења во 1948 и 1967 година, стигна следната фаза од ционистичкиот проект врз кој е втемелена еврејската држава. Сè се одвива по план кои се спроведува во немилосрдни етапи.

Последните неколку дена се случија низа навидум спонтани настани. Она што на прв поглед изгледа како анархија на побунети доселеници-екстремисти одлучни да се одмаздат за 7 октомври – има поширока цел. Десницата има разработен план и јасна стратегија и интензивно работи на нејзино спроведување. Додека левицата го изгуби правецот, се заплетка во празни фрази и речиси е во кома уште од убиството на Јицак Рабин, нашата неповратна реалност ја обликува десницата.

Израел стана држава на трансфер, во која етничкото чистење е една од клучните политички насоки. Тоа има различни имиња и лица; некогаш е отворено, а некогаш прикриено и потиснато, но прераснува во историски феномен во полн замав. По воспоставувањето на апартхејдот, кој никогаш не бил цел на ционизмот ниту на нашата држава, дојде време за етнички трансфер поради кој апартхејдот, според некои толкувања, и беше воспоставен.

Затоа Израел не е првенствено држава на апартхејд. Тој е нешто полошо од тоа, држава на етнички трансфер. Апартхејдот во Јужна Африка никогаш немаше за цел да ја исчисти земјата од нејзиното староседелско население. Израелскиот апартхејд го прави токму тоа.

Во текот на изминатите неколку месеци пишував речиси исклучиво за насилството на доселениците на Западниот Брег. Од недела во недела, од село во село, од семејство во семејство, луѓето прават сè што можат за да ги сочуваат своите куќи и својата земја, сè додека на крајот не се откажат. Од пастирските заедници кои живеат како нашите предци во пештери, не вознемирувајќи никого, до богатите банкари кои ги напуштаат вилите во богатите села, сите живеат во страв и се принудени да ги напуштат своите домови.

Едно по друго село се напушта. Едно по друго семејство се предава. Велат „сумуд секогаш / предавање никогаш“, но неколку месеци подоцна нивниот сумуд (отпор) престанува, а од нивната куќа остануваат само урнатини. Беспомошни и без никаква заштита, немаат друг избор. А земјата постепено останува без своите жители.

„Владата на промени“ нема да може многу да смени. Фактите се веќе воспоставени „на терен“. Иако е можно, несметајќи ги Газа и јужен Либан, дека не се раселени многу семејства, и ако е точно дека има уште многу работа, правецот во кој се оди е јасен, а неговата систематичност е застрашувачка.

Почнаа од најранливите групи на населението, пастирските заедници и жителите на Источен Ерусалим без заштита од израелскиот правосуден систем кој, во својата суштина, има апартхејдски карактер. Кампањата забрзано продолжува, без никакви пречки.

Протерувањата во Газа и оние во Силван очигледно се поврзани – со заеднички поглед светоглед кој тврди дека на оваа земја има место само за еден народ, нашиот или нивниот. Се чини дека тоа мислење го дели мнозинството Израелци, дури и оние на кои им е непријатно додека од своите фотелји го набљудуваат она што се случува, иако во израелските медиуми за тоа речиси никогаш не се известува.

Треба да знаете дека, додека вие спиевте, еден народ чекор по чекор остануваше без својата земја.

(Авторот е новинар)

Хаарец

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот