Принцот Хари го загуби судскиот спор против издавачот на „Дејли мејл“, пресудата ја нарече „заташкување“
Високиот суд во Лондон денеска ги отфрли сите тужби на принцот Хари и уште шестмина тужители против издавачот на британскиот таблоид „Дејли мејл“, со што заврши еден од најголемите судски процеси за нарушување на приватноста во Велика Британија, објави Си-ен-ен.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Судијата Метју Никлин пресуди дека тужителите не успеале да докажат дека информациите објавени од „Асошиејтед њузпејперс“ биле прибавени на незаконски начин. Во образложението наведе дека сомнежите сами по себе не се доволни и дека фактот што информацијата била приватна не значи дека била незаконски прибавена.
Принцот Хари остро реагираше на пресудата, нарекувајќи ја „целосно и очигледно заташкување“.
„Тоа е целосно и очигледно заташкување, но, за жал, не и неочекувано. Дојдовме на суд барајќи правда и одговорност, но не добивме ниту едното ниту другото“, изјави тој.
Според Хари, пресудата претставува целосен пресврт во однос на претходните судски одлуки поврзани со случаите за хакирање на британските таблоиди.
Покрај војводата од Сасекс, тужители во случајот беа пејачот Елтон Џон, неговиот сопруг Дејвид Фурниш, актерката Елизабет Харли, активистката Дорин Лоренс, актерката Сејди Фрост и поранешниот британски политичар Сајмон Хјуз.
Тие тврдеа дека издавачот меѓу 1993 и 2011 година користел незаконски методи за собирање информации, меѓу кои прислушување говорна пошта, телефонско прислушување и измамничко прибирање доверливи лични податоци преку приватни истражители.
Од „Асошиејтед њузпејперс“ ја поздравија пресудата, оценувајќи ја како „огромна победа за „Дејли мејл“ и неговите новинари“.
„Во секој поединечен случај судијата ја прифати веродостојноста на сведочењата на нашите новинари за тоа како дошле до информациите. Пресудата јасно покажува дека секоја објавена статија била заснована на легитимни извори“, соопшти компанијата.
Судењето траеше повеќе од два месеци, а според британските медиуми, вкупните судски трошоци за двете страни би можеле да достигнат меѓу 40 и 50 милиони британски фунти.
Ова е трет голем судски процес што принцот Хари го води против британски таблоиди. Претходно доби отштета и извинување од издавачите на весниците на Руперт Мардок и од издавачот на „Мирор“.
Дводневно рочиште за преостанатите правни прашања по пресудата е закажано за 29 јули.


