Коле Ангеловски и Џина Папас - Џокси / Фото: Фејсбук/Џина Папас Џокси

Џина Папас Џокси емотивно се присети кога Коле Ангеловски многу му помогнал во животот

Важна приказна за Коле Ангеловски, сподели музиларот Џина Папас – Џокси и рече дека познатиот режисер многу му помогнал во животот.

Џокси објави заедничка слика со Коле Ангеловски од промоцијата на книгата „Да живее долна дупка“ и сети на постара приказна која му е останата во срцето.

„Во 1982 година, кога на фестивалот ‘Омладина ’82; во Суботица ги освоивме сојузните награди – првата од публиката и втората од стручното жири – околу нас се крена голема прашина. Самиот момент налагаше да одржиме концерт. Материјалот го имавме, ни недостасуваа само просторот, сценографијата и соодветното озвучување.

Изборот падна на Куршумли Ан. Сцената беше класично поставена од практикабли, скромна во осветлувањето, со еден силен сноп светлина во средината и со огромен делтоплан изработен од екипата на ‘Далтони’ – така ги викавме, а како навистина се викаа момците, не знам. Беа блиски пријатели со Ацо Конга.

За кратко време Куршумли Aн беше преполн. Ме совлада трема. Требаше да бидеме уште подобри отколку во Суботица. Сега бевме пред својата публика, а одговорноста беше многу поголема. Во публиката беа роднини, другари, пријатели, но и луѓе од јавниот живот, личности кои во тоа време значеа многу во уметничкиот простор на поранешна Југославија.

Непосредно пред излегувањето на сцената, зад бината ми пријде еден човек. Прво ја забележав само неговата сенка. Ми рече: ‘Биди смирен, опушти се. Пред своја публика сте. И да згрешите, ние веќе знаеме кои сте’.

Дури кога ја кренав главата, му го видов лицето. Го прегрнав и се насмеав.

Концертот не излезе токму онака како што го замислував, но поддршката што ја почувствував таа вечер и денес ме држи.

Вечерва бев на промоцијата на книгата ‘Да живее Долна Дупка’ од Коле Ангеловски во Драмскиот театар. Сакав да му оддадам почит и поддршка за сè што оставил задсебе во македонскиот театар. Неговиот творечки опус е импресивен.

Ти посакувам да си уште долго меѓу нас, а ние сме тука да ти подариме светлина во секој ден. Сакам и утре повторно да те сретнам во паркот.

Чувај ми се, драг мој пријателе“, напиша Џина Папас Џокси за доајенот на македонската театарска и филмска уметност.

Книгата е збирка на четири комедии: „Да живее Долна дупка“, „Аферата ’Рекет’“, „Аферата ’Ладен шприцер’“ и „Птица со главата меѓу нозе“, кои Коле Ангеловски ги напиша во последните десетина години. Од нив две се поставени на сцените на македонските театри.

Комедијата „Птица со главата меѓу нозе“, во режија на Коле Ангеловски, премиерно беше изведена во неговиот матичен Драмски театар на 10 ноември 2021 година.

„Да живее Долна дупка“, чиј режисер е самиот Коле Ангеловски, премиерно беше изведена на сцената на Театар Комедија на 29 јануари 2025.

Разговор со режисерот Коле Ангеловски за претставата „Да живее Долна Дупка“: Тешко дека ќе го смениме нашиот менталитет

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот