ВИДЕО | Детските ѕвезди на новиот „Хари Потер“ ќе станат милионери пред да бидат полнолетни, откриени се вртоглавите хонорари
Новите мали херои на култната сага за „Хари Потер“ ќе заработат вистинско богатство уште во првата сезона од долгоочекуваната серија на „Ејч-би-о“. Иако сè уште се деца, хонорарите што им се ветени веќе ја брануваат јавноста, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Младиот шкотски актер Доминик Меклафлин (12), кој ја доби главната улога како „момчето што преживеа“, заедно со Арабела Стентон (11) како Хермиона Гренџер и Аластер Стаут (12) како Рон Визли, според извештаите, ќе добијат по 500.000 фунти за првата сезона.
Тоа значи дека овие деца ќе заработуваат по неверојатни 60.000 фунти од епизода.
„Ова е огромен прилив на пари за три деца кои сè уште не влегуваат ни во тинејџерските години, а ова е само почеток. Ако продолжат со ова темпо, тие се на пат да станат мултимилионери пред да наполнат 18 години. Тоа се многу пари за некој да ги добие преку ноќ, но тие се на пат да станат трите најпознати деца во светот“, вели извор за британски „Сан“.
Триото ја доби својата животна шанса победувајќи во конкуренција на повеќе од 32.000 деца кои се пријавија на аудициите за серијата, која е планирано да трае вкупно седум сезони.
Премиера порано од очекуваното
„Ејч-би-о“ веќе ги израдува фановите со првиот трејлер, потврдувајќи дека серијата ќе започне со емитување овој Божиќ, 2026 година. Ова е пријатно изненадување, со оглед на тоа што претходнитеч најави сугерираа дека премиерата ќе биде дури во 2027 година.
Првите кадри од трејлерот ја најавуваат самата почетна приказна за Хари, од лошиот третман кај семејството Дарсли, средбата со полуџинот Хагрид, па сè до пристигнувањето во училиштето за магија Хогвортс. Интересно е што серијата ќе прикаже и досега невидени моменти, како сцени каде Хари посетува обично училиште.

Фановите се во „транс“
Покрај видеото, објавена е и првата официјална фотографија на која се гледа Хари од грб, облечен во неговиот квидич-дрес со натпис „Потер‘“, како со својата метла „Нимбус 2000“ се подготвува за лет.
Реакциите на социјалните мрежи се еуфорични
„Ова изгледа подобро отколку што можев да замислам!“, „Официјално се онесвестив од возбуда“ и „Потерхедс, подгответе се!“, се само дел од коментарите на обожавателите ширум светот.
Иако во јули 2025 година „протекоа“ фотографии од снимањето во лондонската зоолошка градина, овие официјални материјали конечно потврдија дека магијата се враќа на голема врата.


