Москва ги затвори главните аеродроми – Украина ја нападна престолнината на Русија со дронови
Руските воздухопловни власти утрово накратко ги затворија четирите главни московски аеродроми, откако беа пресретнати десетици украински дронови, објави „Ројтерс“.
Препорачано
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, на Телеграм соопшти дека биле соборени речиси 60 дронови кои летале кон градот. Тој не изнесе дополнителни детали, но наведе дека службите за итни случаи биле испратени на местата каде што паднале дроновите.
Аеродромите Шереметјево, Домодедово, Внуково и Жуковски, во близина на Москва, привремено ги прекинале летовите, но подоцна сообраќајот бил обновен, соопшти руската агенција за цивилно воздухопловство.
Според руските новински агенции, кои се повикуваат на Министерството за одбрана, руската противвоздушна одбрана во текот на ноќта соборила вкупно 301 дрон, вклучително и во областите под руска окупација.
Нападот следува откако минатата недела дронови повторно ја погодија единствената нафтена рафинерија во Москва. При тој напад, руската противвоздушна одбрана собори речиси 200 дронови во еден од најголемите воздушни напади врз градот од почетокот на целосната руска инвазија врз Украина во 2022 година.
ВИДЕО | Руска ракета промаши украински дрон и погоди рафинерија во Москва
Во Украина, локалните власти соопштија дека во одделни руски напади во текот на ноќта загинале двајца луѓе, а шестмина биле повредени.
Русија во неделата вечерта го нападнала јужниот регион Одеса со балистичка ракета „Искандер“, при што еден човек загинал, а тројца биле повредени, изјави регионалниот гувернер, Олег Кипер.
По нападот врз земјоделски објект избувнал пожар во возила и во резервоари за гориво, додаде тој.
Во југоисточниот град Запорожје, жена загинала, а уште тројца луѓе биле повредени во напад со дрон, соопшти локалниот гувернер, Иван Федоров.
Украинската морнарица соопшти и дека руски напад со дрон го погодил турскиот товарен брод „Виктрес“, кој пловел под панамско знаме. Според морнарицата, меѓу деветчлениот меѓународен екипаж имало повредени, а сите биле спасени.
Во меѓувреме, градот Севастопол на Крим, кој Русија го анектираше, ги откажа сите јавни настани на отворено за денес и ќе го исклучи уличното осветлување, соопшти градоначалникот Михаил Развожаев, повикувајќи ги граѓаните да ја намалат потрошувачката на електрична енергија.
На Крим, популарна туристичка дестинација за руските туристи, привремено е запрена продажбата на гориво за граѓаните и за компаниите. Испораките се ограничени само за државните институции задолжени за основните услуги и за безбедноста, откако украинските напади со дронови врз снабдувачките рути и врз енергетските објекти предизвикаа недостиг од гориво.
ВИДЕО | „Го видовме Кримскиот мост одблизу“ – Украина најави силни удари на Крим


