Ингеборг Бахман и нашиот свет
Јазикот суштински се менува во зависност од заедницата што го говори. Имено, луѓето во секој збор го внесуваат сопствениот менталитет и чувството за светот и за животот.
Размислувајќи за Ингеборг Бахман (Ingeborg Bachmann) од чие раѓање во австрискиот град Клагенфурт на 25 јуни 1926 ќе се исполнат сто години, се прашав што би рекла таа за денешниот свет на војни и на политички автократи, со инфантилна и патолошка желба за политичка моќ што често завршува со милитантна деструкција. Што би рекла таа за нашево време во кое светот го држат во страв и трепет пред можна нуклеарна војна неколку налудничави диктатори? „Мажите се неизлечиво болни, не го знаевте тоа?“, бездруго повторно би одговорила таа, како што одговори во едно интервју во 1971 година.
Препорачано
Жестока критичарка на патријархатот
Ингеборг Бахман е култна австриска писателка по Втората светска војна, почитувана во сето германско говорно подрачје. За Бахман зборот, литературата има спасителна сила. Познат е нејзиниот стих: „Збору мој, спаси ме!“ Тоа доаѓа јасно до израз во нејзината младост, на крајот на војната. Кога сојузничката авијација го бомбардирала Клагенфурт, таа не барала засолниште во подрумот, туку седела во фотелја среде градината. И го читала Рилке и Бодлер. Ако требала да загине, тогаш барем во градината, заедно со стиховите на Рилке и Бодлер. Тоа сосем одговара на нејзината речиси мистична увереност дека литературата е заштитен простор. За филозофината Ингеборг Бахман, која почнала да студира филозофија во 1945 година, по крајот на војната, во Грац и во Виена, а 1950 година докторирала со теза за филозофијата на Мартин Хајдегер, литературата станува медиумот во кој таа го разобличува ужасот на војната и светот во кој уште владее машкиот принцип на патријархатот. Жените во литературата на Бахман се најчесто жртви на патријархатот.
Таа беше една од најжестоките критичарки на патријархалниот поредок во времето непосредно по крајот на Втората светска војна, во кој, особено во Германија и во нејзината родна Австрија, главниот проблем беше потиснатото сеќавање на војната, зашто за учеството во неа сите молчеа, небаре беа доживеале колективна амнезија. Ингеборг Бахман ни помага денес да согледаме колку тој милитантен поредок не се променил и во новиот милениум. Во нашево време, во кое веќе постојат политички партии кои отворено кокетираат со идеологијата на старите националсоцијалисти, многу е значајно да потсетиме дека Бахман не го критикува само националсоцијализмот, туку и патријархатот. Нејзиниот татко бил националсоцијалист и учествувал во војната, затоа што очекувал бенефиции од анексијата на Австрија од Третиот Рајх. И денешните фашистички и неонацистички партии, дури и кога имаат жени како партиски челници, застапуваат традиционално-конзервативни патријархални вредности, затоа што тие гарантираат систем на потчинетост и покорност. Самиот феномен на војната отсекогаш е поврзан со патријархалниот и авторитарниот поредок. Писателскиот завет на Бахман – пишување по Аушвиц – е идентичен со тој на поетот Паул Целан, Евреинот, со кого беше во љубовна врска од 1948 до 1958. Тој го преживеа Аушвиц, па затоа сето време пишуваше, гледајќи го светот низ сликата за Аушвиц. Затоа денес Бахман би била шокирана од симпатиите за фашизмот и националсоцијализмот во некои европски земји.
Една од првите феминистки
Од друга страна, таа била родена во австриската покраина Kärnten (Корушка) во време кога таа била мултијазична и мултиетничка, па затоа нејзиното чувство за припадноста на граничните географски подрачја е обликувано од допирот со словенечкиот и со италијанскиот јазик. За неа мултиетничноста на светот на нејзиното детство се преобразила во утописка слика за мирниот соживот на многу народи и култури. Таа пишува дека „имало еден момент кога нејзиното детство било разурнато: со инвазијата на Хитлеровите трупи во Клагенфурт.“ Ова нејзино сознание нè потсетува нас денес дека таа можеби нејзината утопија би ја видела остварена во ЕУ, зашто Корушка е денес повторно двојазична.
Ингеборг Бахман со сопствениот живот, врз сопственото тело, со од оган изгорената рака ја испишуваше во своите дела трагичноста, лажноста и деструктивноста на еден свет во кој односите меѓу мажите и жените уште се определени од идеологијата на моќта и власта. Многу литературни критичарки денес истакнуваат дека Бахман беше меѓу првите феминистки по војната. Нејзиниот сон за утописката земја надвор од времето, во која мажите ќе дозволуваат жените да проговорат во машката душа, а мажите во женската душа, уште ја нема на географската карта. Утописката слика на Бахман сонува за едно помирено човештво во кое жената и мажот повеќе нема да бидат под ропството на законот на моќта и власта, туку ќе ја откриваат различноста и како сопствено богатство. Нејзината трагична смрт во огнот во ноќта во 1973 година, на сон, во нејзината татковина по избор, Рим, стана сведоштво за нејзината литературна идентификација со страдањето на сите жртви во еден свет, во кој уште владее принципот на моќта.
Колку што ми е познато, на македонски се досега преведени само раскази од Ингеборг Бахман. Крајно време е, барем во годината во која се слави стогодишнината од нејзиното раѓање, на македонски да се преведе и нејзиниот култен роман „Малина“. Ингеборг Бахман поседува мајсторство на зборот, на јазикот и стилот. И уште нешто таа нè поучува денес нас, Балканците, заглавени во споровите за јазикот на соседот. Многумина на Балканот сметат дека затоа што германскиот јазик има една јазична редакција за Германија, Австрија и Швајцарија, тој насекаде се доживувал идентично – како германски. Ингеборг Бахман живеела неколку години во Западна Германија и била доста критична кон германското општество. Причината за својата скепса кон Германија ја објаснува во едно интервју во 1973 година велејќи дека „било тешко за Австријците да ја разберат Германија. Нашето мислење е различно, затоа што нашиот јазик е различен“. А јазикот на Австријците и на Германците е граматички идентичен, но духот во него, во секој збор, за неа биле различни. Јазикот се менува суштински од фактот која заедница го говори. Зашто тие луѓе го внесуваат во секој збор својот посебен менталитет и чувство за светот и за животот.
(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)
Дојче веле
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


