Хрватска победи, но Далиќ не е задоволен: Не очекував да биде толку тешко
Хрватска остана во игра за пласман во нокаут-фазата на Светското првенство откако со многу мака славеше минимална победа од 1-0 против Панама во Торонто. Стрелец на единствениот гол беше Анте Будимир во 54. минута, а селекторот Златко Далиќ по натпреварот призна дека, и покрај освоените три бода, не е целосно задоволен од изданието на својот тим.
Препорачано
„Најпрво сакам да им честитам на момците, но и на противникот кој беше добро организиран и навистина нè намачи. Во подготовката за натпреварот сакавме повеќе да напаѓаме по крилните позиции, па затоа Марко Пашалиќ доби предност во однос на Петар Сучиќ. Игравме под голем притисок и се чувствуваше грч во нашата игра. Токму затоа реагирав така на полувремето, бидејќи сакав да ја сменам ситуацијата. Долгите топки ни создаваа огромни проблеми, речиси секоја втора топка завршуваше кај нив. Поради тоа бев лут, но на крајот се заврши добро. Сега мораме да го оставиме овој натпревар зад нас и целосно да се фокусираме на Гана“, изјави Далиќ.
Според хрватскиот стратег, товарот од императивот за победа по поразот од Англија во првото коло оставил трага врз неговите избраници.
„Искрено, не очекував дека ќе биде толку тежок натпревар. Не реагиравме на најдобар начин, а тоа го припишувам на притисокот бидејќи ни беа неопходни трите бода. Бевме стегнати во играта, а откако го постигнавме голот работите станаа полесни. Не сум најзадоволен од прикажаното, особено од играта во дефанзива во првото полувреме. Тоа ќе го оставиме зад нас и ќе се насочиме кон следниот предизвик. Противникот ме изненади со квалитетот, брзината и организацијата“, додаде селекторот на Хрватска.
ВИДЕО | Хрватска ја доби Панама и остана во игра за осминафинале, Колумбија се радуваше против Конго


