Реџеп Исмаил/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Шпионската афера во Кабинетот на претседателката: прашања што не смеат да останат без одговор

Апропо веќе малку подзаборавената шпионска афера во кабинетот на Гордана Сиљановска, претседателката на Република Македонија, како пратеник и како член на Комисијата за одбрана и безбедност во Собранието, би сакал да упатам неколку јавни прашања и дилеми во врска со случајот, кои би ја поместиле дискусијата од „дали имало класифицирана мрежа“ кон пошироката безбедносна инфраструктура на и околу самата институција Претседател.

Имено, во последното интервју, претседателката го сведе ризикот на прашањето „дали имало класифицирана електронска мрежа“, додека безбедносниот ризик е многу поширок од тоа. Особено нејзината изјава дека „немало мрежа за класифицирани документи, значи нема ризик“ е премногу тесна и, во крајна линија, несериозна. Законот за класифицирани информации го дефинира „ракувањето“ со класифицирани информации многу пошироко: создавање, евиденција, пренос, користење, распоредување, прекласификација, декласификација, архивирање и уништување. Значи, не е битно само дали документот минал низ класифицирана ИТ-мрежа, туку дали информацијата била создадена, примена, читана, пренесена, заведена, чувана или репродуцирана на кој било начин.

Дали претседателката ги знае другите можни методи и начини за кражба и компромитирање на доверливи информации од кој било степен и кој било тип (национални, НАТО, билатерални или ЕУ) од страна на одговорното лице за тоа во нејзиниот кабинет, или, пак, од лица од Агенцијата за разузнавање, која исто така е под нејзина ингеренција, при нивната работа со ваквиот тип информации и нивното прибирање и дисеминирање?

Некогаш, би рекол најчесто, класифицирана информација може да се компромитира и без класифицирана мрежа. На пример, преку т.н. standalone компјутер, УСБ, фотографирање екран или хартиен документ, снимање разговор, пристап до записник, аудио од состанок, презентација, курирска рута, архивска евиденција, па дури и преку метаподатоци.
Оттука, изјавата на претседателката дека доверливите документи ги добивала во печатена форма и иститите ги враќала назад, не е целосен одговор; таа само објаснува еден канал на ракување и оддава впечаток како да е во служба на лично оправдување и избегнување на одговорност.

Понатаму, би било фер претседателката да одговори: што е со домашните национални информации…?

Во сите случаи, не секогаш мора да се работи за НАТО-доверливи информации; може да се работи и за домашни национални класифицирани и доверливи информации од состаноци во кабинетот на највисоко ниво.

Ќе наведам најмалку три примери.

Во просториите на Кабинетот на претседателот, редовно еднаш годишно се врши реферирање на НГШ на АРМ за борбената готовност на Армијата, како во писмена форма, така и усмено, со презентација во ПауерПоинт или слично. Претпоставка е дека овој документ е обемен и класифициран со веројатно најмалку „Строго доверливо“.

Или, пак, состаноците на Советот за безбедност на Македонија, каде што Сиљановска е претседател на Советот и каде што се говори и за теми од високо ниво на доверливост. Се води записник, се снима аудио и сите тие материјали најверојатно се со одреден степен на класификација.

И трето, што со состаноците со ВИП-личности од претставници/претседатели на држави членки и не-членки на НАТО? Тоа се состаноци на кои сигурно се разговара за теми со доверлива содржина и за кои постојат записи, аудио, видео, стенограми… и најверојатно се чуваат во некоја форма токму во кабинетот на претседателот.

Понатаму, како вовед кон моето следно прашање до претседателката, ќе ја наведам нејзината изричита изјава: „Ми ги носат доверливите документи (мисли на тврда копија) во коверта, ја отворам, го читам, пак документот го затворам во коверта и го враќам назад на доставувачот“.

Во овој случај се поставува прашањето: што со лицето кое деловодствено го заведува и разведува бројот на ковертот, како и со лицето доставувач, односно курирот, при носењето до неа и од неа назад до испраќачот? Општо е познато дека не е претешка задачата да се одлепи коверт без да биде видливо оштетен… Што значи дека и тука постои веројатност за компромитирање на доверливите информации од кој било степен на класификација.

Следно важно прашање на кое Сиљановска треба да одговори е и тоа дали во нејзиниот кабинет има лица одговорни за контраразузнавање и се од надлежна служба за тоа, или, пак, контраразузнавачка служба за заштита на кабинетот (не само за неа, туку за целиот персонал таму кој е ангажиран по кој било основ); лица/служба кои би ги спречиле разузнавачките активности на можните врбувани лица, т.н. „шпиони“, од странска/и разузнавачка/и служба/и?

Инаку, во принцип, ако некој има безбедносен сертификат, и тоа до највисоко ниво (ДТ, односно државна тајна) треба чесно да ја врши работата. Но има исклучоци и не е правило, ниту може со сигурност да се тврди дека лицето не може да биде врбувано, на кој било друг начин компромитирано, или еднократно или повеќекратно платено од странска разузнавачка служба или поединец…

На крајот на краиштата, на контраразузнавачите тоа им е работа и специјалност – контраразузнавање за заштита на ВИП-личности во државата во делот на продор на странски разузнавачки служби и поединци.

И последното прашање, имено, согласно Законот за класифицирани информации, дали објектот на претседателскиот кабинет, во кој влегуваат и се обработуваат класифицирани и доверливи информации, ги исполнува условите предвидени со Законот и уредбите на Владата, за административна, физичка и информатичка безбедност?

Претседателката е должна, во интерес на јавноста, веќе во оваа фаза на случајот да се произнесе по овие прашања.

Што се однесува до прашањето зошто предистрагата остана без епилог толку месеци и кој институционално ја кочел или не ја завршил, веројатно тоа е прашање за други институции, а не за кабинетот на претседателката.

(Авторот е пратеник)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот