Поништувањето на Брегзит е најдобрата опција за лабуристите
Кога станува збор за односите меѓу Обединетото Кралство и Европската Унија, политичката целисходност и економската логика укажуваат на ист правец. Повеќето британски гласачи денес сметаат дека Брегзит беше грешка и бараат лидер што повторно ќе го врати ова прашање во центарот на националната политичка агенда.
Владејачката Лабуристичка партија на Велика Британија речиси сигурно во наредните недели ќе избере нов лидер, кој ќе го замени Кир Стармер, крајно непопуларниот премиер на земјата. Сепак, таа перспектива не влева надеж за политичка или економска обнова. Во британскиот печат и, што е уште поважно, на светските финансиски пазари, се формираше консензус дека секое преиспитување на неуспешната политика на владата на Стармер само дополнително би ја влошило ситуацијата. На ум доаѓа прашањето на ултраконзервативниот премиер од викторијанската ера, лорд Солсбери: „Промени? Зар состојбата веќе не е доволно лоша?“
Препорачано
Но, постојат силни причини да се верува дека тој консензус е погрешен. Прво, сите потенцијални наследници на Стармер отворено признаваат дека забрзувањето на економскиот раст е неопходен услов не само за фискалната одржливост на земјата, туку и за политичкиот опстанок на Лабуристичката партија. Второ, сите кандидати разбираат (дури и ако не сакаат јавно да го признаат тоа) дека неуспехот на лабуристите да ја зголемат стапката на економски раст бил однапред одреден од „првобитниот грев“ на изборната кампања на Стармер во 2024 година.
Стармер ветуваше дека ќе ја промени мрачната економска состојба во земјата по 14 години неуспешна политика на конзервативните влади, но без да се откаже од нивните најважни макроекономски одлуки. Конкретно, неговата изборна програма содржеше две неразумни обврски што го лишија од секоја реална шанса да ја подобри економската положба на Британија: придржување кон постојните, нереалистични буџетски планови без зголемување на даноците со широка основица и зачувување на конзервативните „црвени линии“ во односите со Европа по Брегзит.
Политиката на буџетско штедење и Брегзит беа главните причини за економската и политичката криза што лабуристите ветуваа дека ќе ја надминат, па затоа неуспехот на Стармер беше речиси неизбежен. За да постигне успех, неговиот наследник ќе мора да се откаже од едно од тие две ветувања – или од двете. Напуштањето на ториевските „црвени линии“ кон Европа изгледа како попривлечна опција отколку зголемување на даноците за широките слоеви на населението. Економското приближување кон Европа веднаш би ѝ дало поттик на британската економија, а воедно би ја зајакнало и внатрешнополитичката поддршка за новиот премиер.
На десетгодишнината од референдумот за Брегзит, економските трошоци од напуштањето на ЕУ станаа премногу очигледни за некој да може да ги негира. Веродостојните процени на штетата се разликуваат – од катастрофална загуба од 8% од БДП до, во најмала рака, 1%. Дури ни најубедените поддржувачи на Брегзит повеќе не ги оспоруваат овие процени, иако и натаму тврдат дека релативното осиромашување на земјата е „цена што вредело да се плати“ за враќање на националниот суверенитет.
Во секој случај, политиката на приближување кон Европа би можела на новиот премиер да му донесе не само позитивни економски вести. Според најновите истражувања на јавното мислење, 57% од гласачите сметаат дека Британија направила грешка со излегувањето од ЕУ. Според мислењето на Џон Кертис, најугледниот британски аналитичар за изборно однесување, тоа укажува на „решителен и траен раскин со Брегзит“.
Разочарувањето не се сведува само на економијата. Брегзит едноставно не ги исполни ветувањата на неговите поддржувачи. Нето-имиграцијата не се намали, туку се зголеми, речиси двојно: од 240.000 луѓе во 2016 година на 431.000 во 2024 година. Темпото на принудно заминување на граѓаните на ЕУ беше далеку надминато од приливот на имигранти од земји надвор од Европа, поттикнат од семејствата и работодавците, вклучувајќи ја и самата влада.
Промената на јавното мислење кон Европа дополнително се засилува од демографските промени што ја намалуваат поддршката за Брегзит. Според процените, од референдумот во 2016 година починале околу три милиони постари гласачи – клучниот електорат што го поддржуваше Брегзит. Во исто време, на избирачките списоци се приклучиле околу 2,5 милиони млади гласачи, од кои речиси сите се против Брегзит, а од следните избори право на глас ќе добијат и шеснаесетгодишниците.
За новиот премиер уште поважни се тактичките аргументи во прилог на промена на европската политика. Секое сериозно ресетирање на односите меѓу Британија и ЕУ ќе бара преговори што веројатно нема да завршат пред следните општи избори (кои мора да се одржат најдоцна до август 2029 година). Тоа значи дека новата влада, технички гледано, би можела да ги исполни ветувањата од изборната програма на лабуристите од 2024 година за време на актуелниот парламентарен мандат, дури и додека го подготвува теренот за напуштање на „црвените линии“ на претходните влади. Процесот би можел да започне со сериозна расправа за европската иднина на Британија, вклучувајќи и теми што досега беа табу, како слободата на движење на луѓето и можното враќање кон полноправно членство во ЕУ.
Самото соопштение дека такво преиспитување ќе биде спроведено по изборите во 2029 година, би имало трансформативен ефект. Во економијата, самата можност за враќање на единствениот европски пазар нагло би ја зголемила довербата на бизнис-заедницата и би го обновила интересот на инвеститорите за британските средства, вклучувајќи ги и државните обврзници. Во политиката, пак, оваа идеја би можела да ги обедини прогресивните и интернационалистички ориентирани гласачи, кои денес се распрснати меѓу лабуристите, зелените и либералните демократи.
Оваа тројна поделеност во рамките на левиот центар претставува вистински подарок за крајнодесничарската Реформ ОК на Најџел Фараж, која, благодарение на поддршката од околу 30% од гласачите – главно страсни поддржувачи на Брегзит и незадоволни од имиграцијата – постигна значајни успеси на локалните избори одржани според мнозинскиот изборен систем. Со оглед на тоа што 83% од гласачите на лабуристите, 84% од гласачите на либералните демократи и 82% од поддржувачите на зелените изјавуваат дека би сакале поништување на Брегзит, европското прашање претставува единствена реална тема што би можела да поттикне мнозинство британски гласачи на „тактичко гласање“, односно на поддршка на оние проевропски кандидати кои имаат најголеми шанси да ги победат ториевците и кандидатите на Реформ ОК во своите изборни единици.
Неодамнешната анализа на компанијата Ипсос покажа дека ветување за распишување референдум за враќање во ЕУ би го зголемило уделот на гласачи кои би „размислиле да гласаат за лабуристите“ од 31% на 45%, додека процентот на оние кои воопшто не би ја разгледале таа опција би се намалил од 62% на 43%. Покрај тоа, таквото ветување би ја „зголемило привлечноста на лабуристите меѓу поддржувачите на сите други партии“, зголемувајќи го „уделот на оние кои би биле подготвени да размислат за гласање за лабуристите за 13 до 16 процентни поени во сите групи гласачи, вклучувајќи ги и веројатните гласачи на конзервативците (од 26% на 41%) и на Реформ ОК (од 18% на 31%)“.
Во односите меѓу Британија и ЕУ, политичката целисходност и економската логика укажуваат на ист правец. Новиот лидер на Лабуристичката партија би можел да вети преиспитување на Брегзит, а дополнителниот раст на деловната доверба и ентузијазмот на гласачите би помогнале во решавањето на сите останати тешки предизвици. По шест последователни неуспешни влади и години на економска стагнација, Британија би можела за првпат по повеќе од една деценија да добие успешен премиер.
(Авторот е економист)
Вијести
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


