Гидеон Леви

Поразот во Иран како историска шанса

Фијаското со Иран бара да се отрезниме. Израел не може да креира режими, ни во Техеран ни во Газа. Време е да ги спуштиме мечевите и да ја прекинеме војната.

Се слуша и од десницата и од левицата (со исклучок на премиерот Бенјамин Нетанјаху): израелски пораз, дипломатска катастрофа, Трамп ни го сврте грбот, а Стивен Виткоф е „Јеша“ (Jewboy). Нацијата ја оплакува несреќата, поразот и, речиси, новиот холокауст. Тимот на Бенет веднаш се вклучува и нуди решение. Ќе ги обнови односите со Соединетите Американски Држави и ќе го врати Израел на полето на смртта за да ја доврши работата. Но, ова не е ниту катастрофа ниту холокауст. Во војната со Иран, Израел помина низ она што психолозите го нарекуваат тестирање на реалноста, во текот на кое му беше покажана вистината. А тоа би можело да биде најпозитивниот развој на настаните во поново време, само ако извлечеме правилни заклучоци. Таканаречената катастрофа би можела да се покаже како историска можност.

Од една од претходните катастрофи, онаа од 1973 година, Израел извлече поуки и отвори ново и револуционерно поглавје во својата историја – поглавјето на мирот. Фијаското со Иран бара по вторпат да се отрезниме, но засега нема никој што би ја спровел таа промена на курсот. Еве го тестот на реалноста: мала држава од 10 милиони жители не може да војува против целиот свет, дури и ако е избраниот народ кој сè знае и сè прави подобро од другите. Израел не може да создава режими, ниту во далечен Техеран ниту во блиска Газа.

Ниту Америка не може никого да принуди да го положи оружјето или да ги промени своите уверувања. И времињата кога Америка нè слушаше поминаа. Прифаќањето на таа реалност ни дава можност, среде низата неодамнешни војни, да се погледнеме во огледало: нашата семоќна војска не постигна ниту еден значаен успех освен политички неуспех. Секоја рационална држава би го извлекла истиот заклучок – време е да ги спуштиме мечевите и да ја прекинеме војната. Поновата историја ни нуди доволно докази за таков избор. Можеби сите тие залудни војни беа неопходни за конечно да сфатиме дека ниту една од нив не ни донесе ништо добро.

Времето истекува. Повлечете ги трупите од целиот Либан, пред да дојде до уште една бесмислена војна со Иран. Веднаш запрете го лудилото на Западниот Брег пред тоа насилство да ни се врати како бумеранг. Дајте им малку одмор на војниците и пилотите, оставете ги да здивнат и да отидат на ручек во некој ресторан на улицата „Ибн Гвирол“ во Тел Авив. Ослободете ги илјадниците палестински заложници кои чмаат во затворите на министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир и почнете да се однесувате кон Палестинците како кон човечки суштества, пред светот да нè принуди на тоа. И одлучете каде одиме, што сакаме – две држави, една демократска држава или една самоубиствена држава на апартхејд. Четврта опција нема.

Оваа недела беше објавено дека израелската армија побарала од владата да постигне договор со Либан пред да биде принудена со подвиена опашка да се повлече од окупираните територии. Во тоа се препознава случај на делумно отрезнување. Договор со либанската влада можеше да се постигне и порано, но на Израел му беше потребно тестирање на реалноста преку војна за да сфати дека не може да го разоружа Хезболах. Израелските одбранбени сили (ИДФ) почнуваат да го разбираат тоа. Истото важи и за Хамас, за отпорот кон окупацијата на Западниот Брег и за режимот во Иран.

Тоа што Израел страда од мегаломанија не значи дека е во состојба да се однесува во согласност со своите мегаломански стандарди. Она што ни се случи во Иран не беше катастрофа, туку можност. Ја погледнавме вистината во очи и таа го сврте погледот. Сега треба и ние да го сториме истото.

(Авторот е новинар)

Вијести

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот