Дора Смилевска: Со Европското првенство за средношколци покажуваме дека дебата не значи само напади и повишување тон
Над 250 учесници се очекуваат на Европското дебатно првенство за средношколци (EuroSDC 2026) кое се одржува во Скопје меѓу 28 февруари и 2 март. Првенството претставува едно од најзначајните годишни собирања на млади европски дебатери, а Дора Смилевска од организацискиот тим очекува турнирот да даде фокус на дебатата, не само како натпреварувачки модел за соочување ставови, туку и пошироката јавност да слушне и види како се дебатира – кога во игра се аргументи наместо напади.
Препорачано
Турнирот е во организација на Младински образовен форум (МОФ) и ќе се одвива во неколку етапи. Прелиминарните рунди денес (сабота) започнуваат во гимназијата „Орце Николов“, додека финалните натпревари и церемонијата на затворање ќе се одржат во Младинскиот културен центар.
View this post on Instagram
Дебатерите најавуваат простор за натпреварување, но и заедничарење, каде дебатата ќе се слави и како вештина, и како култура. Целта е младите да мислат со своја глава, „надвор од кутијата“.
„Дебата е важна бидејќи сме преплавени со информации. Ти треба критички да размислуваш, да проценуваш која информација е точна, било да доаѓа од пријателите, или од скролање на екранот. Така младите стануваат имуни на дезинформации, но, генерално, сакаме и поинформирани млади. Оние што доаѓаат на дебата знаат повеќе за актуелните случувања, па се мотивирани и да дејствуваат локално. Пример, ако имаат проблем со образованието или средината каде живеат, полесно ќе влезат, ќе го разберат и решаваат, наместо да бегаат од проблемот“, посочува Смилевска за „Слободен печат“.

Според долгогодишната дебатерка, младите преку дебатата се градат како карактери. Важно им е за личниот, но и професионален развој. Знаат како да настапат пред другарите, да имаат став и интегритет, како да настапат пред полн аудиториум на факултет, или кога ќе бараат работа.
„Ако ништо друго, подобро се изразуваат и немаат страв од јавно говорење“, потенцира таа.
Како што објаснува, важно е како дебатата ќе се пренесе во јавните настапи. Дебатерите генерално го критикуваа соочувањето на кандидатите за градоначалници, во очи на локалните избори. Смилевска уште тогаш реагираше дека на ТВ дуелот не постоеше аргумент, правила и непристрасен судија, туку „дофрлање, прекинување и повишување на тон“ – работи кои, како што рече, немаат место на дебатите.

На прашањето дали треба да се подигне генералното ниво на дебатата во јавниот дискурс и медиумите, за да може да се слуша и другата страна, Смилевска одговара „дефинитивно“.
„Многу млади дебатери реагираа кога се случи таа градоначалничка дебата, беа изреволтирани од она што го слушаат. Затоа сакавме турнирот да се случи тука, во Скопје. Што поголем број луѓе да се вклучат. Да видат, слушнат и научат што значи дебата. Контактиравме со голем број луѓе, организации, фирми, амбасади – се надеваме дека ќе има одзив. На пошироко ниво ја доближуваме дебатата“, констатира Смислевска.
Форматот на дебата на Европското првенство за средношколци е „Светски школи“ (World Schools Style). Тоа е формат што се работи и во дебатните клубови на МОФ, но е користен и на европско и светско ниво. Практично, комбинација од британскиот парламентарен и австралиско-азискиот формат на дебатирање. Два тима, еден афирмативен и негациски, се соочуваат меѓусебно, а сите имаат по осум минути.
Дебатерите користат логика, факти и структуриран говор. Тезата може да биде за политиките во државата, или едукацијата, културата, секојдневието… Пример, „државите (не) треба да имаат еднопартиски систем“ или „школите (не) треба да имаат униформи за учениците“, па дебатерите зададената теза ја бранат со аргументи.
Европското средношколско првенство по дебата (EuroSDC) дојде откако во 2024 година на гласањето меѓу Скопје и Милано, токму главниот град на Македонија стана конечниот избор. МОФ како организатор настанот ќе го координира со ИДЕА (Интернационална дебатна едукативна асоцијација), a целта е и промоција на Скопје.
„Процесот на изработка на кандидатурата беше сериозен и темелен, траеше подолг период и вклучуваше внимателна подготовка на секој сегмент: од избор на локации и логистички решенија, до презентација на придобивките од одржување на турнирот во Скопје. Целиот тим работеше на тоа градот да биде прикажан во најубаво светло, посебно имајќи предвид дека првенството паѓа на самиот почеток на пролетта – период кога Скопје е најживописно и најгостопримливо“, нагласуваат организаторите.


