ЕЦБ го презентираше новиот дизај на евробанкнотите
Европската централна банка (ЕЦБ) презентираше десет конечни предлози за изгледот на новата генерација евробанкноти и ги покани граѓаните од цела Европа да учествуваат во изборот на идниот дизајн.
Препорачано
Предложените решенија се базираат на две главни теми што ЕЦБ ги избра по консултации со граѓаните: „Европска култура“ и „Реки и птици“.
Граѓаните можат да го изразат своето мислење преку онлајн анкета на веб-страницата на банката до 21 септември, додека конечната одлука на Управниот совет на Европската централна банка се очекува до крајот на годината. „Евробанкнотите не се само средство за плаќање, туку еден од најреалните изрази на Европа.
-Тие дополнително ќе го зајакнат нашиот заеднички идентитет преку дизајн што ги комбинира убавината и значењето – рече претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Ова ќе биде првото целосно редизајнирање на евробанкнотите од нивното воведување во 2002 година. Новите банкноти нема веднаш да ги заменат постојните, а ЕЦБ вели дека сегашните банкноти ќе ја задржат својата вредност и ќе продолжат да циркулираат заедно со новата серија.
Новата генерација банкноти ќе добие подобрени безбедносни карактеристики за поефикасно спречување на фалсификување, но и подобрување на пристапноста за лицата со оштетен вид.
Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, изјави дека редизајнот е дел од долгорочните напори на Евросистемот да обезбеди готовината да остане „безбедно, ефикасно и достапно средство за плаќање“, а воедно да се зачува правото на граѓаните да изберат како ќе плаќаат.
Првите банкноти со новиот дизајн треба да влезат во оптек во наредните години, соопшти ЕЦБ на својата веб-страница, пренесува Танјуг. Редизајнот на физичките пари се одвива паралелно со проектот за дигитално евро, со кој ЕЦБ сака да ја дополни готовината во идниот систем за плаќање.


