Старосните ограничувања на социјалните мрежи нема да ги заштитат децата
Додека ЕУ разгледува како да ги заштити младите во дигиталниот свет, не би смеела да подлегне на искушението да се задржи само на забрана за користење на социјалните мрежи за помладите возрасни групи. Поефикасна стратегија би била технолошките компании со закон да се обврзат да почитуваат строги стандарди.
Кога во 2009 година се вработив во Фејсбук, верував во мисијата што ја застапуваше основачот на компанијата Марк Закерберг: да ги поврзе луѓето ширум светот и да им даде повеќе можности. Сите знаеме како заврши тоа. Мета, денес матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм и Вотсап, се насочи кон тоа корисниците да ги задржи на своите платформи што е можно подолго, создавајќи мрежи што предизвикуваат зависност, поттикнуваат гнев, шират дезинформации и ја продлабочуваат општествената поларизација.
Препорачано
Во Фејсбук поминав 15 години пред да одлучам да проговорам како свиркач. Бев во канцеларии во кои исклучително способни луѓе осмислуваа и пласираа функции наменети да поттикнуваат компулсивно користење и зависничко однесување – бесконечно скролање, автоматско пуштање содржини и алгоритамски уредени текови на објави. Таквите дизајнерски решенија не беа случајни, туку беа донесувани свесно, со единствена цел – профитот да се зголеми до максимум.
За среќа, светот сè појасно ја согледува штетата што ја предизвикуваат социјалните мрежи, пред сè кај младите. На почетокот на јули, независна експертска група ѝ го претстави на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен конечниот извештај за тоа како Европската Унија би можела да ги заштити децата на интернет. Законските предлози се очекуваат по летната пауза.
Додека одделни земји членки на ЕУ планираат да воведат општа старосна забрана за пристап до социјалните мрежи, во извештајот се предлага да се забранат токму нивните опасни функции и модели на дизајн. Таквиот пристап има поддршка не само од научната заедница, туку и од јавноста. Ако владите навистина сакаат да ги заштитат децата, мора да ги обврзат платформите на социјалните мрежи да ја докажат безбедноста на своите производи – токму како што тоа веќе мораат да го прават производителите на храна или автомобили – доколку сакаат пристап до пазарот на тинејџери.
Пристапот заснован на општа забрана поаѓа од претпоставката дека зависноста од социјалните мрежи е неизбежна појава. Не е. Таа е резултат на долгогодишно корпоративно лобирање и неподготвеноста на владите сериозно да ја регулираат оваа област. Уште поважно – таквиот пристап не дава резултати. Австралија е првата земја во светот што воведе забрана за користење на социјалните мрежи за малолетници: во декември минатата година им забрани на корисниците помлади од 16 години да имаат профили на социјалните мрежи. Меѓутоа, уште во март, во извештајот на државниот комесар за е-безбедност за спроведувањето на забраната беа посочени сериозни пропусти во нејзината примена, како и фактот дека не е забележано намалување на бројот на пријави за сајбер-насилство или за злоупотреба на фотографии и други визуелни содржини. Во април, повеќе од половина од децата на возраст од 12 до 15 години сè уште имале активни профили.
Затоа и Австралија почна да се фокусира на сузбивање на опасните функции за кои веќе е докажано дека го нарушуваат здравјето и благосостојбата на децата. Сфаќањето дека технолошките компании треба да бидат обврзани да ја обезбедат безбедноста на своите платформи уште во фазата на нивното проектирање и развој сè повеќе добива значење и во Канада, Шпанија, Бразил и Германија.
И другите влади би требало да го пренасочат вниманието кон забрана на функциите што им штетат на децата и да ги обврзат технолошките компании да почитуваат строги безбедносни стандарди, чие исполнување би го проверувале независни тела. Повеќе од 170 организации потпишаа петиција со која се бара примена на принципот „безбедност уште во фазата на проектирање“ („safety by design“), а британски добротворни организации објавија насоки за тоа како би можеле да изгледаат таквите стандарди. Дополнително, таквиот пристап ужива широка јавна поддршка. Во едно неодамнешно истражување спроведено во пет европски земји, три четвртини од испитаниците изјавиле дека сакаат на социјалните мрежи да се примени принципот „безбедност уште во фазата на проектирање“, според кој платформите не би смееле да им бидат достапни на децата додека не се докаже дека се безбедни.
Во меѓувреме, дебатата се пресели и во судниците. Европската комисија во февруари го предупреди Тикток да ги измени функциите што предизвикуваат зависност или ќе се соочи со казна во висина до 6 отсто од годишниот промет. Набргу потоа, Комисијата во прелиминарна одлука заклучи дека Мета не посветила должно внимание на ризиците од зависност што ги создаваат бесконечното скролање и механизмите за привлекување и задржување на вниманието на корисниците, со што ги прекршила одредбите на Актот за дигитални услуги (DSA). Истовремено, во САД, четири сојузни држави се обидуваат од Мета да наплатат дури 1,4 билиони долари казна поради тврдењата дека Фејсбук и Инстаграм намерно биле дизајнирани така што создаваат зависност кај младите корисници.
Уште една реформа за која вреди да се залагаме е интероперабилноста на системите. Ако социјалните мрежи можат меѓусебно да разменуваат податоци, корисниците би можеле да преминат на побезбедни алтернативни платформи, а притоа да не ја изгубат својата мрежа на контакти. Така нема да останат заробени на една платформа ако, на пример, ја купи некој милијардер од крајната десница и ја претвори во легло на екстремизам.
На крајот, успехот на секоја реформа зависи од силата на механизмите за спроведување на прописите. Досега владите се обидуваа да ги регулираат социјалните мрежи потпирајќи се на доброволните обврски на компаниите и на закони како австралискиот, кои предвидуваат парични казни за прекршување на прописите. Но, најпрофитабилните компании во светот таквите казни едноставно можат да ги пресметаат како дел од трошоците на работењето. Затоа последиците мора да бидат доволно сериозни за да не можат едноставно однапред да се пресметаат како уште една деловна ставка.
Европа, која веќе има завиден резултат во обликувањето на глобалното регулаторно опкружување, сега има можност на светот да му понуди ефикасен и суштински заштитен механизам за безбедноста на децата на интернет. Охрабрува тоа што Урсула фон дер Лајен – која, и покрај предупредувањата на експертите, во поголемиот дел од минатата година се залагаше за општа старосна забрана – навести промена на курсот со изјавата дека „во Европа правилото за безбедност уште е во фазата на проектирање“, претставувајќи го конечниот извештај на независната експертска група. Иако во извештајот се препорачуваат старосни ограничувања, тие се претставени како привремена мерка, која би важела само додека не се отстранат функциите што предизвикуваат зависност и штета. Истовремено, товарот на докажување дека социјалните мрежи се безбедни се префрла врз технолошките компании, а не врз регулаторните тела.
Европската Унија веќе има цврсти темели за пристапот „безбедност уште во фазата на проектирање“: Актот за дигитални услуги (DSA) воспоставува соодветна правна рамка и потврдува дека таквиот концепт може да се спроведе во пракса. Независната експертска група се повика на неодамнешните мерки што, врз основа на DSA, беа преземени против Тикток поради функции што предизвикуваат зависност, како и на постапките што во моментов се водат против Снепчет, Икс/Грок и Мета.
Во светло на ваквиот пресврт во политичкиот пристап, Европската Унија сега мора законски да го втемели принципот „безбедност веќе во фазата на проектирање“ и да го признае како единствено ефикасно решение за платформите на социјалните мрежи кои се развивани без сериозно внимание кон штетата што можат да ја предизвикаат. Тоа значи дека предлогот на идниот Закон за дигитална правичност, чие усвојување се очекува подоцна оваа година, треба дополнително да се зајакне и да се прошири неговиот опфат, наместо да се прибегнува кон козметички измени на постојните правила.
Ако од социјалните мрежи се отстранат бесконечното скролање, стандардните поставки оптимизирани за задржување на вниманието и поттикнување на ангажираноста на корисниците, како и непрекинатите „push“ известувања, тие речиси сигурно ќе станат значително побезбедни за младите. Старосната забрана, напротив, нема да ја промени самата платформа, туку само ќе го одложи нејзиното штетно дејство. Пристапот заснован на принципот „безбедност уште во фазата на проектирање“ би ја намалил изложеноста на децата и адолесцентите на производ за кој е докажано дека им штети, а истовремено би ги променил пазарните поттикнувања и би отворил простор побезбедните платформи рамноправно да конкурираат.
Европската Унија бара секој производ што се пласира на нејзиниот пазар да биде безбеден. Тоа е законска обврска. Социјалните мрежи не би смееле да бидат исклучок.
(Авторката е поранешна извршна директорка во Мета)
Вијести
ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“


