кица колбе
Кица Колбе/ Фото: Архива на Слободен печат

Бескрај во точката – сликарството на Јајои Кусама

За изложбата на Јајои Кусама во Келн, која е патување низ бескрајот, точките, светлосните инсталации и уникатниот уметнички универзум на една од највлијателните современи сликарки.

На почетокот на март 2026, годината во која келнскиот музеј Лудвиг (Ludwig Museum) го слави својот педесетти јубилеј, келнјаните ги надминаа сите рекорди во посетеноста на изложбата на јапонската сликарка Јајои Кусама (Yayoi Kusama). Не само затоа што таа е една од најпознатите сликарки во светот. Оваа изложба восхитува со својата неверојатно успешно конципирана поставка. Самата изложба, подготвена од голем број соработници, е реализирана како совршено уметничко дело. Билетите за овој викенд беа распродадени уште од почетокот на мај. Поради големиот интерес, музејот се одлучи на последниот викенд од изложбата, на 1 и 2 август, да ги отвори вратите за посетителите до 2:00 часот по полноќ, а билетите ќе се продаваат по 20:00 часот, според принципот: „Кој прв ќе дојде, ќе добие билет.”

Околу 300 ликовни дела, платна и цртежи, инсталации, перформанси, скулптури, мода и поезија на многустраната Јајои Кусама се презентирани во сите простории и на сите катови, во кои обично има паралелни актуелни изложби. Изложбата започнува со првиот цртеж што Јајои Кусама, родена во 1929 година, го нацртала во 1934 година, ги опфаќа сите творечки фази и теми, и завршува со големите платна од пред една година, во кои денес 97-годишната сликарка пројавува неверојатно силно чувство за боја, бескрајна фантазија и игривост на мотивите. Тоа е „универзумот“ на Јајои Кусама. Посетителот веднаш ја заборава реалноста во мигот кога ќе се најде пред влезот во големите хали, а околу него има море од метално блескави големи топки. Тие се дел од инсталацијата на Кусама на Биеналето во Венеција во 1992 година.

Точката како симбол на бескрајот во творештвото на Кусама

Ретки се уметниците што толку сеопфатно ја преобразиле својата уметничка визија во вистински уметнички космос. Овој на Јајои Кусама ја има во себе слободата на играта на децата. Со медитативноста на цртежите, со кревок, треперлив потег, небаре цртани од детска рака, тој потсетува на медитативноста на цртежите на Паул Кле. Фасцинира силината на големите монохромни, но и експлозивно колоритни платна. Кулминацијата се скулптурите и инсталациите, уметничките објекти и простори кои нѐ доближуваат до принципот на универзумот.

Кусама успева својата творечка опсесија со бескрајот да ја изрази преку играта со најситното во него, точката и кругот (Polka Dots), така што бесконечно ги повторува. Магични се и светлосните инсталации, во кои се влегува како во нов простор, надвор од времето. Кусама сака да ни покаже како таа ги доживува животот, просторот, природата и себеси во неа на толку игрив и фантастичен начин, што ни се чини дека и на 97 години создава уметност со неограничената слобода на децата. Небаре останала дете во чистотата на доживувањето на природата, таа станува едно со сликата, влегува и се разложува во неа како нејзино изразно средство.

Јајои Кусама цртала на тринаесет години цртежи со јасно артикулирана симболика. Таа подоцна само се продлабочува и збогатува. Ќерката на традиционално строги родители, кои на една фотографија од 1923 година се облечени во традиционална јапонска носија, наоѓа простор во кој не владеат патријархалните и социјалните закони за однесувањето на жените само во уметноста. „Сликањето ми се чинеше единствен пат по кој можам да преживеам во овој свет и повеќе личеше на експлозија на мојата страст во мојот очај“, пишува таа подоцна за себе. И покрај строго пропишаните родови улоги, родителите се согласиле да ѝ овозможат од 1948 до 1950 година да посетува приватна ликовна школа во Кјото, како подготовка за студиите на тамошната академија.

Магијата на инсталациите што ги бришат границите на реалноста

Во 1952 година амбициозната Јајои веќе имала прва изложба со 100 дела во градскиот центар на родниот град Мацумото. Уште во детството имала халуцинации и присилни неврози. Во уметноста, која станала лек и за нејзината кревка психа, халуцинациите стануваат визии. Целиот свет за неа бил исполнет со точки, кои ги гледала во различни бои. Од таа „халуцинација“ таа направила свој естетски израз. Тоа ја покажува неверојатната лековита моќ на творештвото. Уметноста за Јајои станува заштитен простор.

„За уметноста како мојата – уметност што се бори на границата помеѓу животот и смртта, прашувајќи се што сме ние и што значи да се живее и да се умре, Јапонија беше премногу мала, премногу сервилна, премногу феудална, премногу полна со презир кон жените. На мојата уметност ѝ требаше повеќе безгранична слобода и отворен свет“, пишува Јајои Кусама. Во 1955 година учествува на изложба во САД, организирана од Бруклинскиот музеј во Њујорк. Подоцна сонува за самостојна изложба во Њујорк, а за таа цел ги користи контактите со американските колеги. Пред да замине во Америка, ги уништува речиси сите свои дела. Родителите ѝ го плаќаат авионскиот билет за Америка, барајќи од неа никогаш да не се врати во Јапонија. Таа, пак, ја следи само својата визија. „Планирам да создадам револуционерно дело што ќе направи пресврт во уметничкиот свет. Со тоа на уметничкиот свет во Њујорк ќе му покажам важен правец за иднината“, ја опишува својата стратегија.

„Мрежите на бескрајот“ и создавањето нов ликовен јазик

Во 1958 година стигнува во Њујорк. Слика големи бели платна што за неа го симболизираат Пацификот. Така како што го видела од прозорецот на авионот при летот од Токио до Њујорк. Освен тоа, ги слика првите платна од циклусот „Мрежа на бескрајот“ (Infinity Nets), во кои ја прикажува својата визија за бескрајниот универзум. Во нејзините контемплативни големи платна, кои оддалеку делуваат како чиста белина, зашто дури одблизу се препознаваат кревките ситни обрасци на форми што бесконечно се повторуваат, критиката препознава мистика и „зен“ на далечниот Исток. Но тоа е само клише на западните критичари, бидејќи таа, всушност, создава нов ликовен јазик. Таа не создава копирајќи позната традиција. Таа создава дотогаш невиден „ликовен универзум“, а тоа го создаваат само генијалните творци.

Кусама е опсесивно предадена на сликањето, со кое го опишува личното „откровение“ за тајната на животот, природата и универзумот. Таа својата визија многу рано самата ја нарекува „откровение“ што ѝ го посредува природата, додека истовремено длабоко во себе открива еден чуден свет, во кој се појавуваат „слики на еден нематеријален поттик“. Тоа ја тера непрекинато да работи на едно дело ден и ноќ, затоа што „мрежите“ на бескрајот што ги слика ја вовлекуваат како во вител, при што го губи чувството за време. Секако, тоа го нарушува нејзиното и онака кревко психичко здравје.

Уметноста како пат кон доживувањето на вечноста

За неа е видлив целокупниот универзум. Симболично го означува процесот на целосно разложување во универзумот така што точките, топките, најситното во нашиот свет и најголемото во универзумот – ѕвездите и планетите – се обединуваат во една ликовна визија. „Ако има надеж по 100 години да има само една личност што ќе ги гледа моите дела и ќе биде длабоко восхитена од нив, тогаш мора да создавам уметност за таа една личност“, го запишува Јајои Кусама своето творечко кредо. Таа создава секој ден магични дела, полни со живот и убавина, и на 97 години. Затоа што нејзиниот творечки извор е љубовта кон животот. Затоа денес за мене мојот омилен музеј во Келн беше толку полн со животна енергија и убавина. А кога уживате во игривите скулптури на Кусама на терасата на музејот, со поглед кон грандиозната келнска катедрала, и тоа толку близу до вас, зашто музејот е до катедралата, тогаш знаете зошто ни е потребна уметноста за да ја доживееме вечноста…

(Авторката е филозофина и македонска и германска писателка)

Дојче веле

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот