Огнен Марина/ Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Проект Скопје

Реконструкцијата на Скопје по разорниот земјoтрес прерасна во потфат што привремено ги премости непријателствата од Студената војна и се стремеше да ѝ послужи на една многу подлабока цел: да ја оправда и да ја отелотвори мисијата на Обединетите нации.

Скопје е место каде што големите идеи можат да станат реалност – или, барем, архитектите сакаат да веруваат во тоа. Многу повеќе од само постземјотресна реконструкција, повторната изградба на Скопје првенствено претставуваше идеја, проект и политичко-општествен експеримент, кој доведе до проектирање на град замислен да ги оствари највисоките очекувања, речиси на митско рамниште во светот на архитектурата и на урбанизмот. Подигнато од урнатините, Скопје требаше да биде сметано за симбол на меѓународната солидарност и единство меѓу народите во тогашниот поделен, биполарен свет.

По разорниот земјотрес што го погоди Скопје утрото на 26 јули 1963 година, оставајќи повеќе од 80 проценти од неговите објекти во урнатини, следуваше незапаметен бран на помош и на поддршка од речиси 90 земји од секаде од светот за граѓаните и за градот Скопје. За Обединетите нации ова беше можност без преседан да го демонстрираат капацитетот на меѓународната заедница под нивно водство, не само за олеснување на последиците од непосредната катастрофа туку и да се вклучат во еден многу поголем потфат.

Реконструкцијата на Скопје прерасна во потфат што привремено ги премости непријателствата од Студената војна и се стремеше да ѝ послужи на една многу подлабока цел: да ја оправда и да ја отелотвори мисијата на Обединетите нации. Тоа беше можност да се преземе водечката улога во изградбата на еден „симбол на меѓународната солидарност“ и да се демонстрира што сè може да се постигне преку мирољубива меѓународна соработка — со изградба на град како пример за иднината, еден „светски град“. Како што изјави еден од експертите на ОН, уште од самиот почеток вклучен во процесот на реконструкција: „Светот сега очекува дека новото Скопје ќе стане град-пример, изграден не за сегашноста, туку за иднината… не само како град за живеење, туку и како споменик на надежта за подобар свет.“

Оваа визија стана позната како Проектот Скопје, чиишто цели требаше да се реализираат преку архитектурата и урбанистичкото планирање, сфатени како најмоќни инструменти за промовирање на светскиот мир и на меѓународната солидарност во состојба на криза. За голем број учесници во овој процес, тоа беше и шанса да се демонстрира капацитетот на архитектурата и на архитектонските идеи во решавањето на светските проблеми поврзани со урбанизацијата и сè поактуелното прашање на нееднаквоста, социјалната и економската сегрегација и конфронтација.

Изложбата наречена „Скопје во иднината“ беше отворена во Скопје на 22 јули 1965 година, претставувајќи ги осумте различни предлози од меѓународниот конкурс по покана за реконструкција на центарот на Скопје. Предлозите беа изработени од „Македонија проект“ од Скопје, Институтот за урбанистичко планирање во Белград, Институтот за градско планирање на Хрватска во Загреб, словенечкиот архитект Едвард Равникар, Луиџи Пичинато од Италија, Морис Е. Х. Ротивал од Соединетите Американски Држави, Ј. Х. ван ден Брук од Холандија и Кензо Танге од Јапонија. Изборот на авторите и на тимовите што требаше да бидат поканети на конкурсот беше одлука донесена по многубројни консултации и беше заснована врз претходно доставен документ од Обединетите нации до југословенската влада, во кој најпосакуваните кандидати беа подредени според преференциите на меѓународната организација. Во првичниот список на предложени учесници на конкурсот, покрај споменатите автори, беа наведени и меѓународно реномирани архитекти, кои не успеаја да стигнат до финалната покана, меѓу кои Арне Јакобсен, Хју Вилсон и Бернард Зерфус. Во истиот тој документ, Кензо Танге беше наведен прв, со што се демонстрираше силна поддршка од Обединетите нации и лично од Ернест Вајсман за негово учество и, на крајот, за освојување на првата награда на конкурсот, иако таа беше споделена со Венцлер и со Мишчевиќ од Загреб.

Сепак, во својот краен извештај, комисијата, иако имаше пофалбена оцена за победничките трудови, исто така, имаше и критика поради фактот што двата победнички труда, кои иако ја споделија првата награда – во сооднос од 60% за тимот на Кензо Танге и 40% за тимот од Загреб – тие беа и многу различни по своите идеи, размери, елементи, па дури и во степенот на разработка. Предлогот на Танге застапуваше многу „попрогресивен модел на град“ заснован врз идеите на метаболизмот и размер на мегаструктури изградени од бетон, додека предлогот на Радован Мишчевиќ и на Федор Венцлер беше поскромен, заснован врз практични согледби и од жирито не доби ниту особени пофалби ниту, пак, отворена критика.

Контроверзноста продолжи со конечната одлука на жирито да ги подложи авторите на процес на развивање нов урбанистички план врз основа на двата предлога делејќи ја одговорноста за деталната разработка на различни делови од планот за центарот на градот меѓу различни архитекти, при што Кензо Танге доби задача да ги развие иконичните делови од неговиот предлог – Градската порта, Градскиот ѕид и Републичкиот центар, а Мишчевиќ и Венцлер да го развијат историскиот дел на градот, главно лоциран на левиот брег на реката Вардар, додека, пак, македонските архитекти беа насочени кон тоа што остана во јадрото на градскиот центар опкружено со Градскиот ѕид. Овој процес беше обележан со безброј преговори и бескрајни компромиси, што на крај доведе до разочарување кај авторите поради разводнувањето на оригиналните идеи во некритичка комбинација на спротивставени концепти, формулирано во еден од коментарите на Танге дека „од неговиот оригинален проект останала само сенка видлива под месечина “. Целосното губење на илузиите и разочарувањето на еден од неговите најблиски соработници, архитектот Арата Изозаки, беше изразено и во едно негово интервју, каде што рече дека имал големи конфликти во Скопје, па дури и ги искинал цртежите во еден момент поради многубројните конзервативни луѓе вклучени во реконструкцијата на Скопје, што на крај довело до одлука дека „време е да се направи компромис и да се замине дома“.

Речиси може да се почувствува притисокот од амбициите што во секоја можна смисла ги донесе проектот за Скопје – од геополитичкиот експеримент и новиот пристап на Обединетите нации за олеснување на меѓународната соработка како безгранична потврда за нужноста од нивното постоење, до големите очекувања и возвишените идеи на архитектурата и на урбаното планирање. Скопје послужи како модел и алатка за обновување на градови и на заедници преку спроведување идеолошки и теоретски концепти, модели и методологии, кои ќе бидат докажани или оспорени, во потрагата по создавање симбол на меѓународната солидарност и вербата во подобра иднина за сите. Тоа се премногу задачи за еден град во неволја и град во урнатини. Веројатно би биле потребни многу децении, ако не и векови, за кое било од овие очекувања и идеи да стане реалност, без да се земат предвид промените и поместувањата во теориите, практиката и во реалноста на градовите во современиот свет, како и начините на кои подразбираме еден град изграден врз знаење, образование, култура, меѓународна соработка и човечки вредности, тоа што, навистина, треба да биде еден „светски град“ и како треба да се постигне и изгради.

Скопје ќе остане пресудна и критична точка во историјата на 20 век, особено низ призмата на историјата на Обединетите нации и на локалната заедница, но ќе остане и мрачен потсетник на амбициите, желбите, очекувањата и на реалноста на архитектурата и на урбанизмот и на нивните теории и пристап во замислувањето, дизајнирањето, планирањето и во градењето на нашите градови. Вистина е дека проектот за Скопје, пред сè, беше идеја, политички и општествен експеримент што водеше до замисла дека градот ќе достигне речиси митско ниво во светот на архитектурата и на урбанизмот бидејќи беше обновен од урнатините, но, пред сè, Скопје ќе остане место каде што архитектите од целиот свет се обидоа да создадат вистински „светски град“.

Сепак, вистината е дека само преку подобро разбирање на процесите, институциите и на луѓето што ја водеа и обликуваа постземјотресната реконструкција можеме да почнеме да го расплеткуваме многу комплексното наследство на проектот за Скопје. Истовремено, и, веројатно, на многу парадигматичен, но и парадоксален начин, Скопје ќе остане најдобар доказ за слабостите на митовите создадени околу поединечни архитекти, нивната работа, теории и идеи. Скопје повеќе потврдува дека животот, тој вистинскиот, секојдневен живот со сите негови недостатоци, слабости и недоследности, секогаш ќе најде начин да создаде навистина хуман град. Ова е вистинската идеја и вистинското наследство што архитектите допрва ќе треба да го разберат и да го истражат.

(Авторот е професор на Архитектонскиот факултет при УКИМ, во Скопје)

Текстот е извадок од книгата „The Skopje Project“

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот