ВИДЕО | Маж со нож и шрафцигер ранил двајца њујорчани во Менхетен
Њујоршката полиција истражува напади во Менхетен каде беа повредени двајца мажи – еден со азиско, а другиот со еврејско потекло – откако сведоци и жртвите изјавиле дека напаѓачот за време на нападот извикувал „Алаху акбар“, пренесува Гардијан.
Препорачано
Осомничениот Раул Моралес наводно со нож во грб избол 57-годишен маж со азиско потекло, а потоа со шрафцигер ранил 50-годишен Евреин во пределот на телото, соопшти портпарол на њујоршката полиција.
Двата напада се случиле на растојание од околу два блока, среде бел ден, во населбата Апер Вест Сајд на Менхетен.
Иако првично беше објавено дека и двајцата нападнати се Евреи, подоцна беше потврдено дека жртвата со азиско потекло не е Евреин.
Двајцата повредени биле пренесени во болницата „Маунт Синај“, каде што се наоѓаат во стабилна состојба.
Полицијата истражува дали ментално здравствена состојба можеби била причина за постапките на осомничениот.
„Иако сторителот нема позната историја на проблеми со менталното здравје во евиденцијата на њујоршката полиција, првичната истрага укажува дека тоа можеби било фактор. Засега нема позната поврзаност меѓу Моралес и жртвите, ниту меѓу самите жртви“, напиша полициската комесарка Џесика Тиш на платформата X.
По нападите, 51-годишниот Моралес се вратил во својот стан, објави „Њујорк тајмс“. Сведок го следел и ја известил полицијата во која зграда влегол осомничениот, по што тој бил уапсен.
„Сакам да ја пофалам храброста на еден совесен граѓанин кој ги одведе нашите полицајци до местото каде што се криеше сторителот“, напиша Тиш.
Градоначалникот на Њујорк, Зохран Мамдани, изјави дека му олеснило што двајцата повредени се во стабилна состојба.
„Овие напади, мотивирани од омраза и исполнети со презир, немаат место во нашиот град“, напиша Мамдани на X.


