Никој да не се бања во Велешкото Езеро, повикаа надлежните — забраната и натаму важи
„Водата во вештачката акумулација „Младост“ кај Велес останува небезбедна и строго забранета за капење и рекреација, порачаа надлежните откако најновите анализи на ЈЗУ Центар за јавно здравје (ЦЈЗ)-Велес покажаа цутење на алги кои испуштаат опасни материи.
Препорачано
При санитарно-хигиенскиот увид на мерното место „Градска плажа“, стручните лица регистрирале алармантна состојба – видливо цветање на алги, зелени перничиња на површината, пивтиеста зелено-кафеава маса и појава на пена долж крајбрежјето.
Според лабораториските наоди објавени во извештајот на ЦЈЗ Велес, микробиолошката состојба е оценета како одлична, но во поглед на физичко-хемиските параметри, водата е во најлошата, петта категорија поради присуство на амонијак. Од аспект на заситеноста со кислород и матноста, водата од езерото „Младост“ е во третата категорија, велат надлежните.
Од друга страна, претходните анализи извршени од Хидробиолошкиот завод од Охрид (од мостри земени на 9 јуни годинава) потврдија дека водата во тој момент ги задоволувала критериумите единствено за наводнување, за што езерото е и првично направено, во далечната 1962 година.
Стручњаците од Охридскиот хидробиолошки завод предупредуваат дека е потребен итен дотур на свежа вода во акумулацијата. Дополнително, се препорачува итно механичко чистење на површинските алги и багерирање на тињата наталожена на дното, особено во Отовичкиот Залив, кој е лоциран како најкритична и најзагадена точка.
Ова е долгогодишен проблем со Велешкото Езеро, а многу слична состојба беше забележана и лани, на истиот датум – 23 јули.
Еколошка катастрофа на велешкото езеро Младост, полно е со амонијак и други отрови


