Зошто Стенли Кјубрик никогаш не напишал оригинално сценарио и како ги избирал романите што ќе ги адаптира?
На денешен ден е роден светски познатиот американски режисер Стенли Кјубрик чии филмови се сметаат за класици во светската кинематографија. Кјубрик е познат по внимателноста со која ги одбирал темите, бавното темпо на работа, жанровската разновидност, техничкото совршенство и одбивањето да зборува за своите филмови. Тој секогаш имал потполна контрола врз своите филмови и ги правел на свој начин и без временски ограничувања, но сепак, секогаш имал финансиска поддршка од големите филмски студија, што е ретка привилегија.
Препорачано
Кога Стенли Кјубрик го направи својот прв филм, „Страв и желба“ (Fear and Desire), тој презеде неверојатен обем на работа зад сцената, вклучувајќи снимање, монтажа и продуцирање на антивоениот филм. Сепак, едно нешто што не го направи беше да го напише филмот – таа работа му беше оставена на Хауард Саклер, пишува „Фараут“.
Сценаристот користел оригинална идеја за филмот на Кјубрик, но тоа наскоро станува аномалија во опусот на режисерот. Неговото следно дело, „Бакнеж на убиец“ (Killer’s Kiss), ќе го означи почетокот на последователната фасцинација на Кјубрик со режирање на филмови базирани на претходно постоечко литературно дело, нешто што го правеше без прекин до крајот на неговата кариера, што кулминираше со „Очи широко затворени“ (Eyes Wide Shut), модернизирана интерпретација на „Приказна за соништата“ (Dream Story) од Артур Шницлер.
Зошто Кјубрик никогаш не напишал целосно оригинална приказна за екранот? Тој верувал дека е тешко да се размислува објективно кога се пишува нешто сосема оригинално, толку се зафаќате со приказната што ја раскажувате што станува тешко да се знае дали всушност ќе функционира како филм. Наместо тоа, тој претпочитал да се стави во чевлите на публиката, гледајќи дали приказната има доволно пресврти за да ги забавува гледачите без таа пристрасност.
Тоа не значи дека Кјубрик едноставно немал добри оригинални идеи. Со секоја адаптација на роман, тој обично бил многу вклучен, како кога работел со авторот Артур Ц. Кларк во адаптација на неколку негови кратки раскази во сценарио што ќе стане „2001: Вселенска одисеја“ (2001: A Space Odyssey). Истото важи и за „Очи широко затворени“, сонапишан со Фредерик Рафаел, кој ја носи „Приказна за соништата“ од неговата виенска поставка од почетокот на 20. век во Њујорк од 90-тите.
Романите што Кјубрик ги избрал да ги адаптира биле неверојатно разновидни, од модерни хорор романи како „Сјаење“ (The Shining) на Стивен Кинг до многу постари дела од класичната литература, како што е „Среќата на Бери Линдон“ (The Luck of Barry Lyndon) од Вилијам Мејкпис Текереј. Па, како ги одбрал романите да ги претвори во филмови на големо платно?
Испаднало дека Кјубрик честопати избирал романи по случаен избор, надевајќи се дека ќе најде нешто што би можело да го интересира. Тој пребарувал низ купишта и купишта книги сè додека не пронашол нешто вредно.
„Читам. Нарачувам книги од САД. Буквално одам во книжарници, ги затворам очите и ги земам работите од полицата. Ако не ми се допадне книгата по некое време, не ја довршувам. Но, сакам да бидам изненаден“, открил тој на Тим Кејхил.
Што се ознесува до изборот на хорор роман за адаптација кон крајот на 1970-тите, Кјубрик навистина само седел со куп книги сè додека не се појавило нешто што му го задржило вниманието доволно долго. Според Кинг, чија книга „Сјаење“ ќе биде среќниот добитник, „секретарката на Кјубрик го слушнала звукот на секоја книга како удира во ѕидот откако режисерот ја фрлил, само по читање на првите неколку страници.“
Подоцна, Кинг пишува, „еден ден, секретарката забележала дека поминало доста време откако го слушнала ударот на уште еден писател како паѓа во прашината. Влегла да го провери својот шеф и го нашла Кјубрик зафатен со читање на ‘Сјаење’“.
Значи, се чини дека Кјубрик го избрал изворниот материјал по пат на обиди и грешки, со читање на книги кои му биле испратени или избирајќи ги по случаен избор и гледајќи што му одговара. За среќа, тој речиси секогаш наидувал на злато.


