Ги загуби двете сестри, остана без дом, а тешка болест ѝ го одзеде гласот – тажната судбина на легендарната Јадранка Стојаковиќ
Јадранка Стојаковиќ, која е родена на денешен ден во 1950 година, беше една од најценетите пејачки на поранешна Југославија, а нејзиниот живот го одбележаа низа трагедии поради кои многумина велеа дека нејзините песни станале нејзино проклетство. Сопственичка на препознатлив и раскошен глас, таа секогаш се стремела да живее едноставно и да го прави она што најмногу го сака – да пее, пишува „Стил“.
Препорачано
Но, животот ѝ приредил судбина каква ретко се гледа дури и на филмското платно.
Речиси и да нема човек што не се возбудува уште со првите тактови на нејзините безвременски хитови „Све смо могли ми“ и „Што те нема“. По трагедиите што ја снајдоа, овие песни ги изведуваше со уште подлабоки емоции.
„Животот ми беше тежок уште од детството. До петтата година живеев со мајка ми, која постојано се селеше од место на место, потоа заминав кај баба ми, а подоцна грижата за мене ја презедоа вујко ми и неговата сопруга. И тие се селеа низ Германија, Норвешка и Шпанија“, изјавила Јадранка во интервју за „Дневни аваз“.
Уште како тинејџерка зачекорила во светот на музиката. Кариерата ја започнала надвор од границите на поранешна Југославија, најмногу поради честите преселби. Првите настапи ги имала во американски џез-клубови во Германија, а талентот подоцна ја одвел и во Јапонија.
Сепак, успешната кариера ја прекинале воените случувања на Балканот. Како што раскажувала, не можела да ужива во успехот бидејќи постојано размислувала како се нејзините најблиски и дали воопшто се живи.
Jadranka Stojaković
24.7.1950. – 3.5.2016. pic.twitter.com/pIxs2VBaih— Dis Balans (@DisBalansX) July 4, 2026
Додека живеела во Јапонија, каде што поминала 23 години, за време на војните во деведесеттите, останала без својот стан во Сараево. Набргу потоа ја погодила и голема семејна трагедија – починала нејзината родена сестра.
Јадранка допатувала од Јапонија за да ја испрати на вечното почивалиште, не ни претпоставувајќи дека ја очекува уште еден страшен удар.
На пат кон гробиштата, пред нејзини очи, во сообраќајна несреќа загинала и нејзината втора сестра, која се наоѓала во автомобилот пред нејзиниот.
Скршена од болка, пејачката едвај собра сили да продолжи понатаму, сè додека судбината повторно не ја ставила пред нов предизвик.
Во 2010 година, при излегување на сцена, паднала и се здобила со повреда што целосно ѝ го променила животот. Нејзината здравствена состојба брзо се влошувала, а лекарите ѝ дијагностицирале болест на моторните неврони – амиотрофична латерална склероза (АЛС), поради која со текот на времето останала целосно неподвижна.
„Нозете постепено ми откажуваа, сè додека не станав целосно неподвижна“, изјавила таа во едно интервју.
Од ден на ден губела сè повеќе сила. Бидејќи не успеала да си го врати станот во Сараево, последните години од животот ги поминала во Бања Лука.
И покрај сите животни удари, до крајот го задржала ведриот дух. Во едно од последните интервјуа зборувала за среќата и позитивните мисли што ѝ давале сила.
„Интересно е кога човек ќе се запраша што е среќа и колку свесно влијаеме на своите позитивни мисли и добри дела. Ако денес ме прашате што би сакала, би сакала луѓето повеќе да размислуваат за себе и за својот живот“, рекла таа за „Дневни аваз“.
Во истото интервју признала дека многумина веќе ја заборавиле.
„Не можам да се сетам кој ме посетил во последно време. Мене веќе ме нема. Тоа е тоа, го немам ни гласот. Болеста ми одзеде сè. Не можам повеќе ни да свирам, но често сонувам музика. Целиот живот живеам со неа и како да одржувам концерти додека спијам. Сè уште можам да ја почувствувам, сè уште можам да ја слушнам“, изјавила Јадранка.
Јадранка Стојаковиќ почина на 3 мај 2016 година, на 66-годишна возраст, во дом за стари лица во Бања Лука.


