Најнесреќната југословенска пејачка: Додека одела на погребот на едната сестра, другата ѝ загинала пред очи

Јадранка Стојаковиќ / Фото: Скриншот/Јутјуб

Југословенската пејачка Јадранка Стојаковиќ, која почина на денешен ден во 2016 година, остави голем број евергрини зад себе, меѓу кои „Све смо могли ми“, „Што те нема“ и „Има нека тајна веза“. Меѓутоа, таа остана запаметена и по тешкиот живот, пишува „Стил“.

Во разговор за еден медиум, самата пејачка проговорила за својот живот.

„Животот ми беше тежок уште од детството. До пет години живеев со мајка ми, која се селеше од место во место, па се преселив кај баба ми, а потоа за мене се грижеа вујко ми и вујна ми. И тие се селеа по цела Германија, Норвешка и Шпанија“, раскажала таа, која својата музичка кариера, поради честите преселби, ја започнала надвор од границите на поранешна Југославија.

Јадранка Стојаковиќ ги имала своите први музички настапи во американските џез-клубови во Германија, а нејзиниот талент ја однел и до Јапонија. Меѓутоа, нејзината успешна кариера била прекината поради војната во Југославија. Како што велела и самата, таа не можела да ужива во сопствениот успех бидејќи постојано размислувала за тоа како се нејзините блиски и дали воопшто се живи.

Додека престојувала во Јапонија, каде живеела цели 23 години, за време на воените деведесетти ѝ го одзеле нејзиниот стан во Сараево.

Веднаш по овој немил настан ѝ се случила и голема семејна трагедија – починала нејзината сестра. Откако ја добила тажната вест, Јадранка допатувала од Јапонија за да присуствува на погребот на сестра ѝ, не знаејќи дека ќе ѝ се случи уште еден животен удар.

Имено, кога отишла на погребот на нејзината сестра, на патот кон гробиштата пред нејзините очи се случила незамислива трагедија – нејзината друга сестра загинала во сообраќајна несреќа.

Скршена од страшните настани што ѝ ги приредила судбината, пејачката собрала сила и продолжила со животот, сè додека злобната судбина повторно не затропала на нејзината врата. Имено, пејачката во 2010 година падна на сцената и се повреди, а тоа целосно ѝ го променила животот. Нејзината здравствена состојба бргу се влоши, по што ѝ беше дијагностицирана болест на моторните неврони или амиотрофична латерална склероза, поради што стана целосно неподвижна.

Таа сè повеќе ја губела својата сила, а бидејќи не можела да го врати станот во Сараево, животот го продолжи во Бања Лука, каде ги помина последните денови од животот.

И покрај сите животни несреќи, Стојаковиќ го задржала ведриот дух до крајот на животот, а во едно од последните интервјуа, таа зборуваше и за среќата и за позитивните мисли кои ѝ давале сила да се бори во животот.

„Интересно е тоа кога во животот човек ќе се запраша ‘Што е среќа?’ и колку свесно влијаеме на своите мисли, на своите добри дела. Ако ме прашате што би сакала, тоа би се однесувало на сè. Би сакала луѓето да размислуваат за себе и за својот живот“, изјавила таа во едно од своите последни интервјува за „Дневни аваз“.

Во таа прилика, пејачката призна дека многумина ја заборавиле.

„Не можам да се сетам кој ме посетил во последно време. Мене ме нема. Тоа е тоа, немам ни глас. Не можам веќе, болеста ми одзеде сè. Не можам веќе да свирам, но често сонувам за музика. Со неа живеам цел живот и сонувам дека имам концерти. Сè уште ја чувствувам, сè уште ја слушам“, додала таа за „Дневни аваз“.

Јадранка Стојаковиќ почина на 66-годишна возраст во дом за стари лица во Бања Лука, Босна и Херцеговина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот