Фото: mkd.basketball

Македонија поразена од Грузија на стартот од Европското првенство

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија „Под 18“ години не успеа со победа да го отвори настапот на Европското првенство од Дивизијата „Б“, кое денеска започна во хрватските градови Ријека и Опатија. Во натпреварот од првото коло во групата „Д“, нашите јуниори беа поразени од селекцијата на Грузија со 83:66.

По израмнетиот почеток, во кој Грузија ја доби првата четвртина со минимални 17:16, македонската репрезентација одигра одличен втор период. Предводени од расположениот Цветковски, кој беше главната напаѓачка сила на нашиот тим, јуниорите направија серија од 19:9 и во 16 минута поведоа со 35:26.

Сепак, противникот возврати во самиот финиш на првото полувреме, ја анулираше негативата со серија од десет неодговорени поени, а на одмор се замина со нерешен резултат 36:36, откако Ѓорѓевиќ погоди за израмнување.

Во продолжението се водеше рамноправна борба, но Грузија постепено ја презеде контролата врз резултатот. Со серија на крајот од третата и почетокот на последната четвртина, противникот создаде двоцифрена предност (62:49), која Македонија не успеа да ја надомести. Нашите кошаркари успеаја да намалат на 62:55, но Грузија одговори со нова серија од осум поени, и го приведе натпреварот до конечни 83:66.

Најефикасен во македонската репрезентација беше Ѓорѓи Цветковски со 20 поени, три скока и три асистенции, капитенот Григориј Ѓорѓевиќ натпреварот го заврши со 11 поени, три скока и две асистенции, додека Лука Чучанов беше блиску до двоен ефект, заврши со девет поени и исто толку скокови.

Во второто коло од групата „Д“, Македонија утре (25 јули), со почеток од 18.00 часот, ќе игра против селекцијата на Босна и Херцеговина, која во првото коло беше поразена од Унгарија со 93:82.

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО – ДИВИЗИЈА „Б“ – „ПОД 18“-МАЖИ – РИЈЕКА И ОПАТИЈА 2026

ГРУПА Д

РЕЗУЛТАТИ

1.КОЛО

БиХ – Унгарија 82:93

Грузија – МАКЕДОНИЈА 83:66

Шведска – слободна

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот