Фото: Колаж

Скопје — долина на песови и на домашни волци

Глутници опколуваат автомобили и напаѓаат во Карпош, „домашен“ волк во Козле… Скопје полека станува град на уличните кучиња, а последно, во Козле вчеравечер околу полноќ, граѓани пријавија дека на улица се шета волк кој веројатно избегал од местото каде што бил затворен и живеел врзан за синџир.

Изминативе неколку дена повторно уличните кучиња се најактуелната тема на социјалните мрежи, но и на скопските улици. Постојано се појавуваат „нови“ глутници на различни локации, кучињата се агресивни и одат во групи по десетина, лаат по автомобили и ги опколуваат, а најсвеж случај е оној од вчеравечер, кога во Козле беше пријавено дека е заловен волк, кој бил припитомен и чуван на синџир, како миленик.

Жителите на Кисела Вода утринава алармираа за појава на голема глутница бездомни кучиња во Припор, каде околу 8 часот биле забележани повеќе од десет улични животни на главната улица „Христо Татарчев“. Пред една недела, оваа група кучиња беше фотографирана на друга локација во општината, а споделената објава беше насловена „Долина на песовите“.

Глутница во Припор / Фото: Принтскрин

Граѓаните од оваа општина се револтирани и бараат итно преземање на мерки, бидејќи дел од жителите одбираат да ја преземат работата во свои раце и на нехуман и незаконски начин да ја „ослободат“ општината преку труење на уличните кучиња, како што видовме пред десетина дена кога беа пронајдени неколку угинати улични кучиња.

ФОТО | Угинати улични кучиња во Кисела Вода, здружение се сомнева дека се отруени и бара одговорност

Вчера жители алармираа дека околу паркот „Шопен“, покрај зградите во близина на трим-патека бил расфрлен отров.

-Во Кисела Вода во парковите „Шопен“, покрај ќошињата од зградите, долж трим-патеката покрај пруга има расфрлано отров. Вака ли ќе ги решите бездомните кучиња а? Држава на монструми!- се вели во објавата.

Пред десетина дена здружението „Анимал рескју проџект“ на социјалните мрежи објави фотографии од угинати улични кучиња и алармираше дека постојат сомнежи за труење на бездомните животни во скопската општина Кисела Вода.

Како што велат во објавата, кучињата биле маалски миленици за кои се грижеле локални жители. Случајот бил пријавен во полиција, а известени се и надлежните институции. Од здружението апелираа за итно преземање мерки со кои ќе се спречат нови угинувања на улични кучиња.

– Се претпоставува дека кучињата се отруени! Ве молиме да внимавате на вашите деца и миленици во таа околина. Ова не е „решение“. Ова е кривично дело. Секој што остава отров по улици, паркови или дворови убива невини животни, ги загрозува децата, го труе целиот град. Ова не е само против кучињата… Ова е против животот. Денес се кучиња. Утре може да биде дете. Законот е јасен: Расфрлање отрови е казниво со парична казна и затвор. Ќе пријавуваме за секој случај. Ќе бараме одговорност. Нема да молчиме – се вели во објавата.

Глутница во Карпош 3 / Фото: Принтскрин

Во Карпош пак, пред неколку дена жителка сними глутница на бездомни кучиња како лае и опколува автомобил.

„Карпош 3 кај фонтаната. Состанок на сите новодонесени кучиња на паркингот“, напиша таа во објавата.

Друга жителка, пак, побара поголема ангажираност од Општината за решавање на проблемот со уличните кучиња откако објави слики од нејзиното повредено дете, кое, како што вели, било нападнато од пет улични кучиња во близина на училиштето „Петар Поп Арсов“ во Карпош 4.

Фото: Принтскрин

Но, покрај улични кучиња, се покажа дека во градот има и „домашни“ волци. Во Козле вчеравечер околу полноќ, граѓани пријавија дека на улица се шета волк кој веројатно избегал од местото каде што бил затворен и живеел врзан за синџир, по што веднаш реагираа институциите и животното беше успиено и уловено, а потоа однесено во Зоолошка градина.

Од ЗОО Скопје изјавија дека престојниот период, волкот ќе биде во карантин под постојан здравствен надзор од стручни лица.

„За среќа, оваа ситуација заврши без последици, бидејќи станува збор за питомо и мирно животно, но уште еднаш апелираме и потсетуваме дека чување диви животни како домашни миленици е забрането и исклучително опасно. Волците не се миленици и не смеат да се чуваат во заробеништво и несоодветни услови. Станува збор за диви животни кои имаат свои природни потреби, инстинкти и однесување. Апелираме до граѓаните доколку забележат нелегално чување диви животни, тоа да го пријават до надлежните институции. Благодарност до МВР, Град Скопје, вработените во Зоолошка градина Сашо Панчев и Тина Мицковска и до сите вклучени служби за брзата и координирана интервенција“, се вели во објавата.

ВИДЕО | Некој чувал волк како миленик во Скопје, избеган се движеше низ Козле

Денеска по медиумите проструи вест дека волкот всушност бил куче, дека е чипирано и има сопственик, но од Агенцијата за храна и ветеринарство соопштија дека контрола на заловеното животно допрва ќе се прави.

– Од страна на официјални ветеринари на АХВ во текот на денот ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор во зоолошката градина со цел утврдување на видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус – соопштија од АХВ.

Волк врзан за бандера во скопската населба Козле / Фото: ЗОО Скопје / Инстаграм

Скопјани се загрижени од актуелната состојба со животните низ градот и одговорност бараат од „Лајка“ иако претпријатието нема ниту надлежност ниту капацитет за трајно да ги тргне од улиците.

Нов закон за домашни миленичиња во Македонија – несоодветно шетање куче ќе ве „чини“ 400 евра

Во меѓувреме, во подготовка се предлог-измени на Законот за благосостојба на животните, кои се „заглавени“ некаде помеѓу АХВ и Министерството за земјоделство. Со измените се предвидуваат ригорозни казни за неодговорните сопственици, зголемена контрола и инспекции.

Можеби новите законски решенија ќе придонесат за ублажување на проблемот со уличните кучиња, доколку навистина се спроведува како што треба. Затоа што, како што е познато, оваа проблематика и сега е колку-толку законски регулирана.

Сепак е волк, а не куче – утврдиле експерти за животното кое вчера се шеташе низ Козле

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот