ФОТО | Угинати улични кучиња во Кисела Вода, здружение се сомнева дека се отруени и бара одговорност
Здружението „Анимал Рескју Проџект“ (Animal Rescue Project) викендов објави фотографии од угинати улични кучиња и алармираше дека постојат сомнежи за труење на бездомните животни во скопската општина Кисела Вода.
Препорачано
Според нивната објава, кучињата биле маалски миленици за кои се грижеле локални жители. Случајот бил пријавен во полиција, а известени се и надлежните институции. Од здружението апелираа за итно преземање мерки со кои ќе се спречат нови угинувања на улични кучиња.
„Се претпоставува дека кучињата се отруени! Ве молиме да внимавате на вашите деца и миленици во таа околина. Ова не е „решение“. Ова е кривично дело. Секој што остава отров по улици, паркови или дворови убива невини животни, ги загрозува децата, го труе целиот град. Ова не е само против кучињата… Ова е против животот. Денес се кучиња. Утре може да биде дете. Законот е јасен: Расфрлање отрови е казниво со парична казна и затвор. Ќе пријавуваме за секој случај. Ќе бараме одговорност. Нема да молчиме“, се вели во објавата.
Тие ги повикаа граѓаните веднаш да пријавуваат сомнителни случаи како оставена храна на јавни површини или угинати животни, со цел, како што велат, спречување на вакви инциденти во иднина.


