Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат

„Лајка“ ќе добие 30 милиони денари за нови боксови и проширување, „Безбеден град“ ќе го спречува дотурот на кучиња

Ѓорѓиевски потенцираше дека во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство се работи на план за менување или проширување на моделот на работа на „Лајка“ – залови, третирај, врати на улица, а најави и дека кај стационарот ќе се изгради голем парк за разонода на животните, кој ќе биде отворен за посетители.

Повеќе боксови за уличните кучиња во стационарите, огромен парк за посети на основци и средношколци и нови начини на регистрирање на сопствениците на куќни миленици се дел од реформите што се подготвуваат за јавното претпријатие „Лајка“ во рамките на Градот Скопје.

Во претпријатието годинава се очекува да има големи промени откако Советот на Град Скопје изгласа финансиска инјекција за „Лајка“ од 30 милиони денари.

– „Лајка“ беше јавно претпријатие формирано за брзи партиски вработувања од еден од поранешните градоначалници без никаква визија за реално решавање на проблемите. Тоа што ние заеднички го направивме е да предвидиме 30 милиони денари за сериозно проширување на капацитетите на „Лајка“, како дел од планот за јавни набавки каде треба да се интервенира за БРТ, таму спаѓа и тендерот за проширување на капацитетите, постапка што во скоро време ќе започне бидејќи мораме да создадеме соодветни услови во кои кучињата ќе бидат третирани – изјави Ѓорѓиевски.

Повеќе боксови и менување на моделот на работа на „Лајка“

Градоначалникот на прашањето за што поточно ќе бидат наменети овие средства, за „Слободен печат“ одговори дека најпрвин е планирана набавка на повеќе боксови за уличните кучиња што се третираат во стационарот, односно зголемување на капацитетите.

– Таму има сериозни професионалци и до крајот на годинава мислам дека ќе имаме конкретни резултати, кои со бројки ќе ги поткрепиме на седница на Советот. Таму има простор, мојот концепт е и да ги прошириме на капацитетите на „Лајка,“ повеќе боксови, не е доволно кучето само да биде земено од улица, да се третира и да се врати на улица, треба и соодветно да го згрижиме – вели тој.

Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Исто така, тој потенцираше дека во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство се работи на план за менување или проширување на моделот на работа на „Лајка“ – залови, третирај, врати на улица, а најави и дека кај стационарот ќе се изгради голем парк за разонода на животните, кој ќе биде отворен за посетители.

– Имавме состанок со АХВ во изминатите денови, планираме еден дополнителен модел освен проширувањето во однос на регулирање и третман за бездомните кучиња во Скопје, тема поради која плаќаме енормни суми на годишен период. Ќе се работи и на менување на начинот на работење на претпријатието и акции за зголемување на свеста на граѓаните за вдомување кучиња од стационарот – одговори Ѓорѓиевски.

Вдомувањето кучиња треба да стане „тренд“

Претходно, од „Лајка“ нè информираа дека минатата година биле вдомени помеѓу 370-400 кучиња, што претставува околу 30 отсто од вкупниот број заловени и третирани улични животни, но директорката Радмила Пешева смета дека бројот на вдомени кучиња треба да расте, бидејќи, како што вели таа, тоа не се лоши кучиња туку едноставно се родени на улица и им е потребно време да се социјализираат, процес што е еден од главните што ги врши градското претпријатие.

АХВ добила „зелено светло“ за изградба на гробишта на миленици, секоја Општина треба да предложи локации

Градоначалникот на оваа тема дели ист став со директорката и смета дека треба да се работи на подигнување на свеста кај граѓаните за вдомување.

– Таму има прекрасни кучиња што можат да го красат кој било двор во Скопје, некој вистински да се грижи за тие кучиња и да станат нечии миленичиња. Затоа планирам и изградба на еден убав парк во рамките на стационарот на „Лајка“, кој ќе служи за активности и едукација на основците и на средношколците, но и можност некој да си го пронајде својот миленик и да се зголеми свеста за посвојување улично куче, бидејќи и тие се живи суштества и важен е третманот кон нив – изјави Ѓорѓиевски.

„Безбеден град“ ќе го спречува дотурот, во Скопје има кучиња од Теарце

За „дотурот“ на кучиња во Скопје од други градови и села, Ѓорѓиевски вели дека овој проблем ќе се решава со помош на камерите на „Безбеден град“, кои треба да ги пронаоѓаат возилата што се користат при овие незаконски превезувања и исфрлања на кучиња по скопските улици, паркови и плоштади.

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

– Генерално имаме проблем , а „Безбеден град“ ќе го регулира и овој проблем и очекувам побрзо оперативно делување од МВР и апелирам до сите граѓани да дејствуваат синхронизирано и да пријавуваат вакви девијантни појави – вели градоначалникот.

Тој се осврна и на неодамнешните тврдења на здружението „Анима мунди“ дека по скопските улици се забележани кучиња со ушна маркичка од Тирана, за кои посочи дека не биле донесени од престолнината на Албанија, туку таа маркичка била ознака за Општина Теарце, Тетовско.

– Во однос на дотурот на кучиња од други градови и од други држави, конкретно се појави информација дека кучиња се носени од Тирана, што е невозможно да се направи, но точно е дека една глутница кучиња е донесена од Теарце, каде што ушната ознака е ТР – изјави Ѓорѓиевски.

Градот не одговара колку пари се потрошени за каснатите граѓани

Од „Лајка“ соопштија дека во 2025 година претпријатието исплатило 1 милион денари како надоместок за каснати граѓани, но оттаму појаснија дека ова е само мал дел од исплатата бидејќи поголемиот дел го покрива Град Скопје.

„Слободен печат“ го праша градоначалникот, но и писмено испрати прашања до неговиот кабинет за тоа колку пари се одлеале од градската каса минатата година за исплата на отштета за каснување од куче и за колку случаи точно станува збор.

Ѓорѓиевски на ова прашање одговори дека сумите се енормни и дека за подетални информации треба да ја прашаме прес-службата, но од неговиот кабинет повеќе од една седмица немаме добиено одговор, иако неколкупати ги поставивме овие прашања.

– Сумата што се издвојува годишно е енормна, но е помала од средствата предвидени за проширување за „Лајка“, но за подетални информации ќе мора да се обратите до мојот кабинет – накусо одговори тој.

Сепак, тој истакна дека има граѓани што неколкупати годишно поднесуваат барање за надоместок поради каснување од исто куче, што според него е неверојатно, како и дека има чести случаи кога исти адвокати повеќепати застапуваат каснати граѓани.

Отварање на ЈП Лајка – Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат

„Лајка“: Не треба повеќе стационари, туку поголема контрола

Од „Лајка“ нè брифираа дека при овие реформи не се планира отворање повеќе прифатилишта бидејќи, според нив, тоа нема финансиска логика и е огромен трошок. Оттаму велат фокусот ќе биде ставен на подигнување на свеста за посвојување миленик преку акции, како што е сега акцијата „Биди мојот Валентајн на еден ден“.

Промени ќе има и во повеќе закони со кои ќе ѝ се даде поголема контрола на АХВ и ќе се направи Регистар на сопственици на миленик.

Како што објаснуваат од „Лајка“, со овие реформи општинските инспектори ќе имаат право да влегуваат во домовите и да проверуваат дали кучето е регистрирано, додека, пак, ветеринарите ќе имаат обврска да пријавуваат сопственици што на лекување носат нерегистрирани миленици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот