Кучиња/ фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

Откако независната советничка во Општина Карпош Татјана Стојановска, сподели фотографија од глутница кучиња во паркчето спроти трговскиот центар „Сити мол“ за кои тврди дека се донесени од друга локација, од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ итно побараа темелна истрага за, како што велат, сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња на територија на Скопје.

„Анима Мунди алармира и јавно бара итна, темелна и независна истрага за сериозни индиции за организирано внесување и дислоцирање на кучиња во град Скопје, појава што веќе директно ја загрозува јавната безбедност, благосостојбата на животните и самото владеење на правото. Во општина Карпош, во изминатите денови, се појави нова глутница кучиња – животни кои се целосно непознати за локалното население, кои не се дел од постоечката улична популација и кои се појавија буквално преку ноќ. Станува збор за нестерилизирани и необележани кучиња, што јасно укажува дека ова не може да биде природен прираст, туку насилна дислокација“, велат од здружението.

ФОТО | Чопор улични кучиња кај „Сити мол“, карпошани тврдат дека се донесени од друга локација

Оттаму тврдат дека овој случај претставува организирано внесување на кучиња земајќи предвид дека, како што велат, од ЈП „Лајка“ никогаш немаат оставено олкава бројка необележани кучиња на ниту една локација во градот.

„Јавно и одговорно тврдиме дека станува збор за организирано внесување кучиња, затоа што ЈП „Лајка” нема оставено, ниту пак има испуштено ваква бројка нестерилизирани и необележани животни на ниту една локација во Скопје. Граѓаните со години ги познаваат кучињата во своите маала – овие животни не се нивни“, се вели во соопштението.

Исто така, можеби и најзагрижувачки е фактот што припадници на „Анима Мунди“ на скопските улици пронашле кучиња со ушни маркички од Република Албанија,  што, како што велат од здружението, отвора сериозно прашање за нелегален и прекуграничен транспорт на животни.

Оттаму побараа проверка на сите јавни и приватни безбедносни камери, на локациите каде се појавиле кучињата, како и на сите правци за влез и излез од Скопје и повторно побараа измени во Кривичниот законик.

„Бараме МВР и Јавното обвинителство да утврдат кој, како и од каде ги транспортира и истовара овие животни, затоа што ова не е изолиран чин, туку логистички организирана активност. Масовното напуштање и дислоцирање на кучиња претставува суровост, но и сериозна општа опасност. Затоа Анима Мунди одамна бара измена на законската рамка. Поднесовме конкретни предлози за измени на Законот за заштита и благосостојба на животните, со кои бараме најстрого регулирање на сопствеништвото на кучиња, како и предлог-измени на Кривичниот законик со кои напуштањето миленик, суровоста и предизвикувањето општа опасност ќе се третираат како кривични дела, по примерот на Република Хрватска“, велат од „Анима Мунди“.

Тие го повикаа ЗЕЛС да започне со јавни дискусии со сите градоначалници за ова прашање.

„Секоја општина мора да ја третира проблематиката со уличните кучиња хумано и согласно закон: со масовна стерилизација, јасна евиденција и најстроги санкции секаде каде што ќе се утврди доказ за масовно дислоцирање“, се вели во соопштението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот