Половина од имотите во Скопје не се никогаш проценети: Градот прави даночна реформа, па доцнат решенијата за данок
Град Скопје ќе набави сопствена машина за масовно ковертирање и печатење на даночни решенија, кои физички ќе се состават до граѓаните со помош на десетте скопски општини.
Изминува петиот месец од годинава, а скопјани сѐ уште не ги добиле решенијата за данок за имот за 2026 година, што е невообичаено, затоа што Град Скопје низ годините практикуваше тоа да го прави кон крајот на февруари или во март.
Препорачано
Оваа година решенијата не се испорачани, а од Градот објаснуваат дека доцнењето е резултат на повеќе објективни околности и на започнатата сеопфатна даночна реформа.
Оттаму потсетуваат дека клучни извори на приходи за Градот се данокот на имот, комуналните такси и приходите од комуналии, но дека при утврдувањето на сериозната состојба со Буџетот во ноември 2025 година, станало очигледно дека дури и најстабилните извори на приходи не ги дале очекуваните фискални ефекти.
Во таа насока, уште во декември беше упатен јавен повик до граѓаните за подмирување на заостанатите обврски, за во јануари да бидат блокирани повеќе од 17.000 трансакциски сметки на даночните обврзници, кои не ги подмириле долговите од 2021 година. Паралелно со оваа присилна наплата Градот спроведува и процес на издавање опомени за неплатени даночни и таксени обврски за периодот 2022–2025, при што физички и правни лица должат вкупно 21 милион евра по основ на данок на имот и комунална такса (фирмарина) – велат од Град Скопје за „Слободен печат“.
Од Градот ги повикуваат сите даночни обврзници во најкраток можен рок да си ја проверат својата состојба и да ги подмират евентуалните долгови, бидејќи, како што најавуваат, ќе следува примена на мерки за присилна наплата согласно законските овластувања.
Друга причина за доцнење на решенијата било и тоа што Градот започнал темелна даночна реформа со цел воспоставување фер, транспарентен и функционален даночен систем. Имено, како што тврдат, анализите покажале дека повеќе од една половина од објектите во Скопје никогаш не биле проценети и не биле внесени во даночната база, што значи дека нивните сопственици никогаш не добиле решение за плаќање данок.
Истовремено, во изминатите шест месеци беше спроведена детална ревизија на сите договори за градежно земјиште поради утврдена нетранспарентност во зонирањето и ценовните параметри. Новото зонирање ќе биде јавно објавено на ГИС-порталот веднаш по неговото усвојување од Советот на Град Скопје со цел секој граѓанин да има увид во која зона се наоѓа неговата недвижност. Во соработка со УНДП, Градот Скопје започнува и пилот-проект за репроценка на данокот на имот во Општина Центар, со цел обезбедување правична и реална состојба – објаснуваат од Град Скопје.
Оттаму додаваат и дека паралелно со овој процес се финализира и модулот за електронска достава на решенијата за 2026 година, затоа што има проблем со физичко доставување на решенијата откако АД „Македонска пошта“ ја укина услугата за масовно ковертирање и достава на даночни решенија. Оваа обврска не можат да ја преземат приватните пошти, поради монополот на „Македонска пошта“ во сегментот на мали пратки.
За да се надмине овој проблем, Град Скопје ќе набави сопствена машина за масовно ковертирање и печатење на даночни решенија, кои физички ќе се состават до граѓаните со помош на десетте скопски општини.
Но, кога точно тоа ќе се случи нема прецизна информација.
Очекуваме сите технички предуслови да бидат исполнети во најкраток можен рок, по што ќе започне електронската достава до регистрираните корисници и физичката достава преку општините за решенијата за данок на имот за 2026 година. Ги повикуваме граѓаните да се регистрираат на даночниот портал на Град Скопје, каде што ќе можат електронски да ги преземат и подмират своите обврски – апелираат од Градот.
Пред две години и поранешната градоначалничка Данела Арсовска алармираше дека 60 проценти од граѓаните во Скопје не плаќаат данок на имот, што не е фер и ги доведува во нерамноправна положба оние кои редовно плаќаат. Како што се пожали тогаш Арсовска Градот не може да изготви решенија затоа што нема пристап до податоците на Агенцијата за катастар. Оттаму пак тогаш посочија дека податоците не можат да ги обезбедат бесплатно како што бараат општините и Градот и доколку им се потребни можат да ги добијат по цена од 20 денари за катастарска парцела.
Потоа повеќе не се спомена оваа тема и не се дозна дали Градот направи напор и издвои пари да ги обезбеди овие податоци.Но, според тврдењето на Град Скопје дека повеќе од една половина од објектите во Скопје никогаш не биле проценети и внесени во даночната база, тоа не се случило.
Дали конечно ќе се врши наплата на данок на имот на сите сопственици на објекти и земјиште во Скопје и дали на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе му успее тоа што не ѝ успеа на Арсовска, ќе се знае во иднина кога ќе бидат соопштени податоците за даночните обврзници и извршенета наплата на данок.


