Газдите на „Пулс“ нема да ги гонат младите кочанчани за демолирањето на кафе-барот „Класик“
Сопствениците на дискотеката „Пулс“ се откажале од приватната тужба против група млади кочанчани кои беа обвинети за демолирање на кафе-барот „Класик“ на истите сопственици, во излив на гнев по катастрофалниот пожар во Кочани во кој загинаа 63 млади луѓе, а преку 200 беа повредени.
Препорачано
Од документот на Основниот суд Кочани, се гледа дека приватниот тужител ДПТУ „Бит Тим“ ДООЕЛ Кочани, чиј управител е Михаил Јованов, преку својот полномошник доставил поднесок со кој ја повлекува приватната тужба против обвинетите.
Судот наведува дека на 11 јуни 2026 година тужителот доставил поднесок со кој се откажува од кривичното гонење, по што согласно Законот за кривична постапка донел решение за запирање на постапката.
Обвинетите се товареле за кривичните дела „Оштетување туѓи предмети“ и „Нарушување на неповредливоста на домот“.
Во решението се наведува дека кривичната постапка се запира поради повлекување на приватната тужба од страна на тужителот.
Одлуката е донесена на 12 јуни 2026 година од судијата Спиро Борисов при Основниот суд Кочани.
Кафе-барот „Класик“ беше демолиран во деновите по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, во кој загинаа десетици млади лица, а револтот на граѓаните беше насочен кон објекти поврзани со сопствениците на дискотеката.


