Недостасуваат повеќе од милијарда барели нафта во светот
По речиси четири месеци блокада, Ормутскиот теснец повторно е отворен откако Иран и САД оваа недела потпишаа меморандум за разбирање. Но, според анализите, глобалниот пазар на нафта можеби веќе ја плаќа цената на долготрајниот прекин на испораките.
Препорачано
За време на конфликтот, светот остана без околу 1,15 милијарди барели нафта од Блискиот Исток, покажуваат податоците на аналитичката компанија Kpler, пренесени од CNN.
Глобалните резерви на нафта се приближуваат до критична точка. Стратешките резерви на Меѓународната агенција за енергетика се на најниско ниво од 1990 година, додека американските резерви за итни случаи се најниски во последните 43 години. Во меѓувреме, комерцијалните залихи во повеќе земји се блиску до оперативниот минимум.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека резервите би можеле да бидат доволни за уште само четири недели доколку не дојде до брза нормализација на снабдувањето.
„Ќе ни снема резерви за околу четири недели“, изјави Трамп, додавајќи дека светот би можел да се соочи со сериозни економски последици доколку не се стабилизира протокот на нафта.
Пазарите позитивно реагираа на договорот меѓу Вашингтон и Техеран. Цената на суровата нафта Брент, која за време на конфликтот достигна 126 долари за барел, во меѓувреме падна под 80 долари.
Сепак, експертите предупредуваат дека намалувањето на цените не значи дека проблемот е решен. Светските резерви во последните месеци се намалени за околу 190 милиони барели, а складиштата во клучните енергетски центри се приближуваат до границата на одржливост.
Особено загрижува состојбата во американскиот нафтен центар Кушинг, каде резервите се спуштија до ниво кое може да предизвика проблеми во функционирањето на транспортната инфраструктура.
Според аналитичарите, слична ситуација се забележува и во други делови од светот, што го зголемува ризикот од нов ценовен шок доколку закрепнувањето на снабдувањето биде побавно од очекуваното.
Дел од експертите сметаат дека пазарот сè уште има простор за стабилизација. Големите резерви натрупани пред почетокот на војната помогнаа да се ублажи најголемиот шок во снабдувањето во поновата историја.
Иако ризикот од недостиг на гориво останува реален, дел од аналитичарите очекуваат производителите, особено земјите членки на ОПЕК, да го зголемат производството во наредниот период и постепено да го стабилизираат пазарот. Засега, светот доби привремено олеснување со повторното отворање на Ормутскиот Теснец, но останува прашањето дали тоа дојде навреме за да се избегне нова глобална енергетска криза- пишува Н1.


