АВМУ ги повика инфлуенсерите и јутјуберите да се регистрираат, еве кои се критериумите
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) упати јавен повик до инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите и другите креатори на онлајн содржини, што нудат аудиовизуелни медиумски услуги, по барање да извршат регистрација во Агенцијата.
Препорачано
Со измените на медиумските закони донесени во јули 2023 година, за првпат институционално се призна улогата и влијанието на креаторите на онлајн содржини. Со тоа, тие станаа дел од регулираната медиумска сфера и добија законска обврска да се евидентираат во АВМУ како даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање.
Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:
- аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример „Јутјуб“, „Инстаграм“, „Тикток“ и слично);
- имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;
- остваруваат економски интерес од медиумската услуга;
- во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини;
- целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.
Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.
Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите креатори на онлајн содржина, кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.
Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб-страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.
За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата [email protected].
Зоран Трајчевски 11 години е директор на АВМУ, сега ќе биде уште пет


