Зоран Трајчевски 11 години е директор на АВМУ, сега ќе биде уште пет
Зоран Трајчевски ќе ја раководи Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и во наредните пет години, откако доби поддршка од Советот на Агенцијата за нов мандат.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Прес-службата на АВМУ соопшти дека Советот на денешната седница одлучил Трајчевски да ја води агенцијата и во наредниот петгодишен период.
Трајчевски првпат беше избран за директор на АВМУ на 12-тата седница на Советот, во далечната 2014 година.
Претходно, тој бил и на низа други државни функции, во Владата и во разни институции и тела. Според професионалната биографија на Трајчевски која е објавена на веб-страницата на АВМУ, тој завршил Машински факултет на УКИМ во 1994 година, по што специјализирал менаџирање на ефективна либерализација во телекомуникациите и радиодифузијата во Вашингтон, САД.
Во 2008 година, Трајчевски завршува постдипломски студии на УКИМ и стекнува звање Магистер на машински науки, енергетска ефикасност. Две години подоцна, завршил постдипломски студии на Привредна Академија во Нови Сад, Република Србија, на насоката: Внатрешна и меѓународна трговија, и стекнува звање „Магистер по економски науки“. Во 2013 година, со докторската дисертација на тема „Либерализација на пазарот на електронските комуникации и менаџментот на компаниите, на Привредна Академија во Нови Сад, Република Србија, се стекна со научен степен Доктор на економски науки, пишува во биографијата на директорот.
Според неа, тој последен пат бил во постојан работен ангажман кој не е директор, владин застапник, владин советник или член на управен одбор – пред речиси 15 години, во 2011-тата.



