Парис Хилтон дочека правда — затворен интернатот во кој, како што тврди, била злоставувана
Интернатот „Прово Кањон“, во кој Парис Хилтон тврди дека била психички и физички злоставувана како тинејџерка, остана без лиценца за работа, откако Министерството за здравство и социјални услуги на американската сојузна држава Јута утврди сериозни пропусти во функционирањето на установата.
Препорачано
Станува збор за центар за бихејвиорално лекување на адолесценти во Спрингвил, кој, според надлежните, не успеал да обезбеди соодветни здравствени и безбедносни услови за своите штитеници.
По објавувањето на одлуката, Парис Хилтон се огласи на социјалната мрежа Икс со емотивна порака.
„Со години чекав да го напишам ова. Местото што ми наштети мене и на безброј деца пред и по мене повеќе нема да смее да работи. Децата што се наоѓаат таму ќе бидат преместени. Мојот сон да ги заштитам идните генерации од злоставувањето што го преживеав конечно се оствари“, напиша таа.
I’ve been waiting years to write this. The place that hurt me, and countless children before and after me, will no longer be allowed to operate. The children inside are going to be removed 🥹The dream I’ve had to protect future generations from the abuse I endured is finally… https://t.co/ZpWH4xO0dY
— Paris Hilton (@ParisHilton) July 7, 2026
Во друга изјава додаде дека повеќе од пет децении деца сведочеле за злоставување, занемарување и трауми во оваа установа.
„И јас бев едно од тие деца. Знам како е да молиш за помош и да веруваш дека никој нема да дојде. Денес децата што сѐ уште се таму знаат дека конечно некој доаѓа да ги заштити“, порача Хилтон.
Парис Хилтон првпат јавно проговори за своето искуство во документарниот филм „Ова е Парис“ (This Is Paris) од 2020 година. Таа откри дека на 17-годишна возраст поминала 11 месеци во интернатот, каде што, според нејзините тврдења, била изложена на психичко и физичко злоставување од персоналот.
Во 2021 година сведочеше и пред Сенатот на Јута, каде што изјави дека не можела да пријави што ѝ се случува затоа што целата комуникација со семејството била надгледувана и цензурирана.
Според документите од 2025 година, инспекциите утврдиле дека установата немала доволен број вработени, применувала непотребно физичко ограничување и агресивен контакт со штитениците, а биле евидентирани и други сериозни пропусти во грижата.
Дополнително, во мај годинава државните власти воведоа привремени ограничувања за работата на интернатот, откако вработените, наводно, не повикале итна медицинска помош за ученик кој се здобил со тешки повреди.
Установата има рок од 15 дена да побара сослушување пред Министерството за здравство и социјални услуги на Јута.


