Фото: mkd.basketball

Македонските кошаркарски надежи против Словачка на отворањето на Европското првенство

Машката младинска кошаркарска репрезентација на Македонија денеска го започнува настапот на Европското првенство за кошаркари „Под 20“ години од Дивизијата „Б“, кое од 10 до 19 јули се одржува во Братислава.

Македонската селекција ќе се натпреварува во групата „А“, заедно со репрезентациите на Ирска, Шведска, Азербејџан и домаќинот Словачка.

Избраниците на селекторот Никола Велев првиот испит ќе го имаат вечерва од 18.00 часот, кога ќе се соочат токму со домаќинот на шампионатот, репрезентацијата на Словачка.

Зад македонскиот тим е 25-дневен подготвителен период, во кој, според селекторот Велев, екипата успеала да ја изгради посакуваната форма и да создаде позитивна атмосфера пред почетокот на натпреварувањето.

„Зад нас е 25-дневен подготвителен период во кој сите играчи покажаа максимална посветеност и висок професионализам. Имавме добри услови за работа, што ни овозможи секојдневно да напредуваме и како поединци и како тим. Атмосферата во екипата е одлична, а голем удел во тоа имаат и изминатите години во кои голем дел од овие репрезентативци играат заедно“, вели Велев.

Селекторот се осврна и на кадровските проблеми со кои се соочи стручниот штаб во текот на подготовките.

„На првенството нема да можеме да сметаме на Никола Јаничиќ и Стефан Стојковиќ, кои не се доволно опоравени, како и на Димитар Зетов, кој најави заминување во Америка. Сепак, имаме целосна доверба во играчите кои се во составот и веруваме дека секој ќе го даде својот максимум.“

Пред првиот натпревар на Европското првенство, Велев потенцира дека вниманието е насочено исклучиво кон дуелот со Словачка.

„Сега целиот наш фокус е на првиот натпревар против Словачка. Одиме чекор по чекор и се надеваме дека работата што ја направивме во изминатиот период ќе ја покажеме и на теренот“, порача селекторот Велев пред вечерашната премиера на Европското првенство во Братислава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот