Кражбата во музејот Лувр во Париз/Фото: Dimitar DILKOFF / AFP / Profimedia

„Мислеше дека можевме да земеме повеќе“ — организаторот на кражбата на Лувр не бил задоволен од „пленот“

Двајца мажи осомничени за кражба на накит во вредност од 88 милиони евра од парискиот музеј Лувр минатиот октомври, наводно им откриле на истражителите дека организаторот на кражбата бил разочаран од „пленот“. Тој сметал дека „можеле да земат повеќе“, пишува „Гардијан“.

Францускиот весник „Ле Монд“ ги објави транскриптите од испрашувањето на осомничените, идентификувани како Абдулаје Н. и Геламалах А., пред истражните судии. Нивните искази даваат детален увид во кражбата што одекна низ целиот свет и доведе до оставка на директорката на музејот. Осомничените тврдат дека провалиле во Галерија д’Аполон по налог на нарачателот, чиј идентитет одбиваат да го откријат од страв за безбедноста на нивните семејства.

Оштетената круна на царицата Евгенија

Двајцата зеле осум парчиња накит од витрините, вклучувајќи тијари, брошеви, ѓердани и обетки. Сепак, за време на нивното бегство, ја испуштиле круната со накит што ја носела царицата Евгенија, сопругата на Наполеон III, во 19 век.

„Да, јас сум, ми падна од чантата“, наводно признал Абдулае Н. пред судиите додека му покажувале фотографија од тешко оштетената круна. „Она што го направивме е погрешно, многу е сериозно“, додаде тој.

Според Абдулае Н., по грабежот, тие го предале преостанатиот плен на наводниот организатор, кој „не бил задоволен“ од исходот.

„Мислеше дека можевме да земеме повеќе“, им рекол на истражителите.

Регрутирање и подготовка за грабеж

Двајцата мажи рекле дека биле ангажирани само два или три дена пред кражбата. За да се подготват, им било прикажано видео снимено во галеријата за накит „Наполеон“. Абдулае Н. рекол дека им била дадена јасна задача: „Скршете го стаклото и извадете го накитот од витрините“.

Абдулае Н., поранешна мала ѕвезда на социјалните медиуми со страст за мотоцикли, рекол дека е „во тешка финансиска ситуација“. За неговата улога во провалата, му биле ветени помеѓу 15.000 и 20.000 евра, „а можеби и повеќе, во зависност од неговата заработка“. Тој тврди дека мотивот на нарачателот на кражбата бил чисто финансиски и дека планирал да го препродаде украдениот накит.

Различни сознанија за целта

Додека Абдулаје Н. им признал на истражителите: „Знаев дека ќе го ограбам Лувр“, Геламалах А. тврдел дека не знаел која е целта. За него, како што вели, грабежот првично бил претставен како провала во „некоја париска работилница за накит“, а не во најпосетуваниот музеј во светот.

„Никогаш немаше да стапнам таму да знаев“, рекол тој, додавајќи дека се согласил на надомест од помеѓу 20.000 и 25.000 евра.

Двајцата наводно се качиле со службениот лифт до балконот на првиот кат, го скршиле прозорецот на Галерија д’Аполон и влегле во музејот. Таму почнале да ги сечат стаклата на двете витрини.

„Кога влеговме, немаше никој таму, беше темно, само светлата во витрините гореа“, рече Абдулае Н. „Во далечината видов обезбедување како се движи, зад некои врати.“ Тој рече дека биле свесни дека имаат многу малку време. „Моравме да земеме што е можно повеќе накит. Знаевме дека мора да заминеме за најмногу три минути или ќе бидеме откриени. Ми се чинеше дека сè трае предолго.“

Страв и тишина

И Абдулае Н. и Геламала А. тврдат дека не знаат што се случило со накитот по грабежот. Поради страв од одмазда тие одбиле да го откријат идентитетот на „мозокот“ на операцијата или на кој било соучесник.

„Тие не се ангели“, рече Геламала А. Абдулае Н. беше подеднакво претпазлив: „Не ми се заканија, но добив повици додека бев во притвор. Ми рекоа да молчам.“

„Ле Монд“ наведува дека истражителите сè уште не ги потврдиле тврдењата дека крадците дејствувале по нечија наредба.

Грабежот се случи во октомври минатата година, кога четворица крадци за само неколку минути украдоа осум парчиња историски накит во вредност од 88 милиони евра од Галерија д’Аполон.

ФОТО | Објавени првите фотографии од дијамантската круна што крадците ја изгубиле при бегството од Лувр

Меѓу украдените предмети биле и смарагдна и дијамантска огрлица што Наполеон I ѝ ја дал на својата втора сопруга Марија Луиз и тиара што некогаш ѝ припаѓала на царицата Евгенија, сопруга на Наполеон III.

Според француските медиуми, целата акција траела помалку од седум минути, а крадците останале во галеријата само три минути и 58 секунди.

ВИДЕО | Грабеж во Лувр: Најпосетуваниот музеј во светот привремено затворен

По грабежот, директорката на Лувр, Лоренс де Кар, призна дека безбедносниот систем имал сериозни недостатоци, вклучително и недоволна покриеност на надворешните ѕидови со безбедносни камери, што им го олеснило бегството на крадците. Во тоа време, на истрагата работеле повеќе од 100 истражители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот