Фото: Шанса за Центар

ВИДЕО | Нацрт-ДУП за Барутана утре пред советниците на Центар, на просторот треба да се градат повеќе од 20 приватни куќи

Во пределот на Водно наречен Барутана, кој допира до заштитеното подрачје, постојат 15 објекти, а доколку советниците на Советот на Општина Центар на утрешното продолжение на 9-тата седница го усвојат Нацрт ДУП-от за овој простор, во иднина таму се предвидува изградба на уште 25 нови големи објекти.

Како што истакнуваат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ од планираните нови градби, тие даваат подршка за единствениот во кој е предвидена за јавни функции,  односно изградба на дом за возрасни лица, но останатите објекти се предвидени за приватно домување во куќи во кои во секоја одделно може да има до четири станбени едници односно по четири стана.

За да се изградат дел од нив потребно е општината на овој стрмен пошумен терен да пробива улици и да дислоцира дел од магистрална водоводна цевка. Покрај зголемувањето на опасноста од ерозија на земјиштето, спроведувањето на ваков план може да предизвика и големо трошење на општински пари, односно пари на сите граѓани, само за да се овозможи изградба на луксузни куќи. Научните истражувањата покажуваат дека со градежните активности може значително да се зголеми ерозијата и да се создаде опасност за лизгање на земјиште. А овој предел веќе е регистриран како „подрачје загрозено од ерозија“, велат од „Шанса за Центар“.

Дополнително, во документацијата за Нацрт-ДУП-от нема мислење на Дирекцијата за заштита и спасување, што би требало да го има со оглед на тоа што се работи за ваков терен.

На ерозивно подрачје на Водно се планира изградба на десетици нови објекти, тврдат од „Шанса за Центар“

Од граѓанската иницијатива посочуваат дека овој план неколкукратно ги надминува параметрите на Генералниот урбанистички план на Скопје, за речиси шест пати ги надминува параметрите за просечен процент на изграденост за домување и за 4,5 пати ги надминува параметрите за бруто изградена развиена површина за домување.

Деталните планови кои не се усогласени со Генералниот урбанистички план на Скопје според член 35 , став 5 од Законот за урбанистичко планирање не може да се применуваат, посочуваат од Иницијативата.

Од „Шанса за центар“ во изминатиот период неколкупати алармираа од можноста да продолжи постапката за донесување ваков ДУП, во кој како што тврдат нема никави мерки за заштита од ерозија, ниту заштита од потенцијални шумски пожари и поројни поплави и прашуваат зошто се занемаруваат стручните ставови.

Поучени од постоечките случаи на лизгање на земјиште низ населбите по падините на Водно (кај Клиниката за детски болести и кај хотелот Тасино Чешмиче), пак се предлага на овој стрмен планински терен да се градат уште десетици крупни градби. Со ова решение се отвораат само нови опасности. И тоа не е се. Планот е приватна иницијатива од приватна фирма која има имот во рамки на ДУП и на чие земјиште претходно биле планирани градби за државни институции кои сега, „сосема случајно“, се менуваат во приватно домување – велат од Иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот