Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Куќарките на влезот од Скопска чаршија - Фото Слободен печат - Методи Здравев

Две недели никој не ги чепка дивите куќарки во Чаршија

Од Општина Центар неодамна многу храбро и сигурно изјавија дека доколку се утврди дека куќарките се поставени на „диво“ и немаат одобрение од Градот, објектите заеднички ќе бидат отстранети од општинските и градските служби, но сè уште тоа не може да се види на терен.

Поминаа повеќе од десет дена откако се утврди дека ниту Град Скопје ниту Општина Центар не издале дозвола за поставување на новите дрвени куќарки на влезот од Скопската чаршија, каде што за продолжениот викенд по повод празникот Велигден имаше меѓуопштинска акција за отстранување на тогашните диви тезги, но дрвените куќарки што повторно го стеснија шеталиштето, сè уште непречено работат.

Инспекторите на Општина Центар заедно со колегите од Град Скопје на 13 април ги отстранија нелегалните тезги што со години го стеснуваа и го ограничуваа влезот во Скопската чаршија од страната на плоштадот „Филип Втори“.

ФОТО | Отстранети дивите тезги на влезот на Скопската чаршија

Од Општина Центар тогаш потврдија дека продажните објекти со години биле поставени и работеле незаконски, а нивните сопственици немале никаков договор со Општината, што било причина за нивното отстранување во акција што ја спровеле заедно со службите на Град Скопје.

– Екипи на Општина Центар заедно со Градот Скопје вчеравечер заеднички, во согласност со Меморандумот за меѓуопштинска соработка, ги отстранија импровизираните објекти на влезот на Старата скопска чаршија. Тоа беа објекти што немаа никаков договор со Општина Центар и беа бесправно изградени – изјавија од Општината за „Слободен печат“ по акцијата и отстранувањето на тезгите.

Сепак, оваа голема акција за која веднаш се пофалија градоначалниците на Центар и на Скопје, траеше многу кратко, бидејќи неполна седмица по отстранувањето на тезгите, на истата локација се појавија пет дрвени куќарки за кои кога „Слободен печат“ праша во Градот и во Општина Центар, тие не беа запознаени дека воопшто се поставени, а потоа нивните инспектори излегоа на терен и утврдија дека се незаконски и дека за нив не е издадена никаква дозвола.

– Во врска со вашите прашања за новопоставените дрвени куќарки на влезот во Скопската чаршија од страната на плоштадот „Филип Втори“, ве известуваме дека инспекторите на Град Скопје излегоа на терен и констатираа дека на посочената локација се поставени нови тезги. Според извршениот увид, Град Скопје нема издадено дозвола за поставување урбана опрема на оваа локација – одговорија тогаш од Градот за „Слободен печат“.

Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија

Потоа, од Градот нè известија дека до тука завршиле нивните надлежности и за понатамошно постапување ќе ја известат Општина Центар, која ја посочија како надлежна институција што треба да постапи и повторно да воведе ред на влезот во Чаршијата.

Потоа ние ја прашавме Општината дали постапила во однос на овие дивопоставени куќарки или, пак, тие имаат дозвола од локалната самоуправа да бидат поставена на оваа локација, а оттаму ни одговорија дека ниту Општината не дозволила на „ослободениот“ влез од Чаршијата да се постават пет идентични дрвени куќарки, бидејќи за тие одобренија единствено надлежен е Градот, поточно Секторот за урбанизам.

Од локалната самоуправа тогаш многу храбро и сигурно изјавија дека доколку се утврди дека куќарките се поставени на „диво“ и немаат одобрение од Градот, објектите заеднички ќе бидат отстранети од општинските и градските служби.

– Доколку се утврди дека не поседуваат никаква документација, тие ќе бидат отстранети во координација со Градот Скопје – изјавија од локалната самоуправа.

Сепак, речиси две недели подоцна откако Општината и Градот дознаа дека овие дрвени објекти се нелегални, нема никаква реакција во однос на евентуално отстранување, со што по вторпат би се вовел ред на шеталиштето во Скопската чаршија.

Токму затоа повторно испративме прашања до Општината зошто не се постапува во однос на демонтирање на овие куќарки за кои институциите веќе неколку недели знаат дека се нелегални, а оттаму накусо и без повеќе детали одговорија дека во моментот се води постапка и дека во „операцијата“ е приклучен и Државниот пазарен инспекторат.

– Се води постапка, информиран е Државниот пазарен инспекторат и Град Скопје за координирана акција за постапување во однос на диво поставените дрвени објекти – брифираат од Општината за „Слободен печат“.

Очигледно Општината и Градот не можат толку експресно да одговорат и да го решат веќе еднаш решениот проблем, оставајќи дилеми кај граѓаните дали исто како и претходните штандови што со години, ако не и со децении, без проблем си работеа со што го узурпираа и го стеснуваа шеталиштето кон Чаршијата, така и петте нови дрвени куќарки поставени на истата локација, ќе продолжат непречено и нелегално да си работат во текот на летната сезона, да го нарушуваат јавниот ред и да бидат уште една дива област во најстрогиот центар на Градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот