Искршени плочки и дупки по улицата, срамна глетка на влезот во Старата скопска чаршија
Овој дел територијално ѝ припаѓа на Општина Центар, но оттаму тврдат дека тоа не е нивна обврска, туку на Град Скопје, од каде што, пак, надлежноста ја префрлаат на Општината. Но, пред неколку години, Општина Чаир реставрираше дел од Чаршијата.
Старата скопска чаршија е една од најпосетените локации од туристите што доаѓаат во Скопје, кои во изминативе години се сѐ побројни. Но, она со што се соочува секој гостин во градот уште при влезот во Чаршијата, односно уште на просторот штом го помине плоштадот „Филип Втори“ е грда слика на целосна негрижа кон она што претставува историско и културно наследство на главниот град.
Препорачано
Искршени плочки, расклатени или извадени, па на места ставени какви што се нашле за да се пополнат дупките и да се избегнат вировите со кал и вода кога врне и комплетно запуштена инфраструктура што се чини како надлежните сосема да ја заборавиле. Нема ниту најава дали некој размислува да го уреди влезот во Чаршијата.
-Срамно е колку не се грижиме за ваков „бисер“ на Градот и колку лошо се претставуваме пред туристите. Чаршијата е дел од нашата историја, прекрасна е, а каков впечаток добиваат гостите уште пред да влезат во неа? – вели скопјанец што реагираше за оваа состојба во нашата редакција.

Овој дел територијално ѝ припаѓа на Општина Центар, но дали е таа надлежна да преземе активности за реконструкција на плочникот, тешко е да се каже, затоа што оттаму тврдат дека тоа не е нивна обврска.
-Тоа е под надлежност на Град Скопје – кусо одговараат од Центар на прашањето дали планираат некаква реконструкција на плочникот на влезот од Старата чаршија.
На истото прашање упатено до Град Скопје, следува сличен одговор, односно упатуваат за сите прашања поврзани со влезот и уредувањето на Старата скопска чаршија, да се обратиме до „Општина Центар и Општина Чаир, кои се надлежни институции за ова подрачје“.
-Ве информираме дека влезот во Старата скопска чаршија не е во надлежност на Град Скопје. Ингеренциите на Градот завршуваат на просторот на плоштадот „Филип Втори“, по што управувањето и одржувањето на овој дел преминува во надлежност на општините – велат од Градот.
Но, оттаму тврдат дека Град Скопје ќе упати сугестија до надлежните општини за постапување во однос на овој проблем, со цел навремено и соодветно решавање на состојбата.

Старата скопска чаршија е прогласена за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, во 2008 година, што значи дека сите зафати на овој простор би требало да се спроведуваат во соработка со НУ „Конзерваторски центар“. Но и тие наскоро не планираат никаков зафат на влезот во Чаршијата.
Просторот што ве интересира делумно е во границите на Споменичката целина – Стара скопска чаршија, а поголем дел во границите на Контактната зона „Мост“. Во моментот не се планирани конкретни интервенции. Нема законска пречка потребните финансиски средства да бидат обезбедени од Градот Скопје или од Општината Центар – вели в.д. директорката на оваа Установа, Љиљана Китановска.

Есента 2020 година Општина Чаир со поддршка од Европската Унија и Светска банка преку проектот „Разубавување на Старата чаршија“ ја реставрираше улицата „Битпазарска“ и излозите на 39 дуќани, при што беа заменети прозорците и вратите на дуќаните, а беше реставрирана и калдрмата на улицата „Битпазарска“.
-Имајќи предвид дека фасадата и излозите на голем дел од дуќаните и на калдрмата беа застарени или заменети излозите на дуќаните со друг материјал со што се нарушуваше автентичната структура на Старата скопска чаршија, преку овој проект се потрудивме да реставрираме без притоа да уништиме ниту една точка од тоа што Старата скопска чаршија рефлектира од наследствен, културен или туристички аспект – истакна тогашниот градоначалник на Чаир, Висар Ганиу.

Реставрацијата и отстранувањето на плочките тогаш предизвика бурни реакции во јавноста дека се уништува автентичниот лик на Чаршијата, но од Владата посочија дека се запазени сите процедури за заштита на автентичноста според програмата на Националниот совет за ревитализација на Чаршијата како културно наследство од особено значење.
Оттаму објаснија и како се изведуваале зафатите на калдрмата.
-Сите градежни материјали што се користат за реконструкцијата на излозите на дуќаните и калдрмата во споменична целина „Стара скопска чаршија“ се автентични и одобрени од стручни лица од НУ Конзерваторски центар – Скопје и Управата за заштита на културно наследство – соопштија од Владата.
Експерти, пак, во изјава за медиуми апелираа во иднина какви било градежни зафати и реконструкции во Чаршијата да ги изведува Конзерваторскиот центар, а не да се реализираат според општински проекти.
Сепак, останува прашањето, како е можно пред пет години Општина Чаир да биде надлежна за обновување на дел од Чаршијата во рамките на нејзината територија, а Општина Центар сега да тврди дека нема таква надлежност.


