Расте трендот за вдомување, од јануари 74 кучиња стационарот на „Лајка“ го замениле со нов дом
Директорката Радмила Пешева вели дека со зголемувањето на бројот на вдомени кучиња, се ослободува стационарот на „Лајка“ кој постојано брои околу 180 животни што се згрижуваат поради различни причини – агресивност и вознемиреност, кучиња што биле оставени на улица од сопствениците, миленици чиј сопственик починал и слично.
Пред неколку денови ЈП „Лајка“ започна акција за привремено вдомување кучиња од прифатилиштето на претпријатието, преку која граѓаните ќе можат да си го одберат кучето што на одреден период ќе биде дел од нивното секојдневие, а потоа, како што вели директорката на ЈП „Лајка“ Радмила Пешева, можат да одлучат тоа животно да премине во нивен траен миленик.
Препорачано
„Лајка“ со акција за вдомување кучиња: Биди мојот Валентајн на еден ден
Трендот на вдомување се зголемува
Последно, од „Лајка“ соопштија дека започнува акција за привремено вдомување кучиња од стационарот, мерка што иако е нова, во иднина ќе стане дел од постојана програма на претпријатието. При ова времено вдомување на куче, ЈП „Лајка“ обезбедува храна за кучињата што привремено ќе бидат вдомени од граѓаните.
-Привременото згрижување претставува краткорочна грижа за куче од прифатилиштето, во домашни услови, сè до негово трајно вдомување. Овој модел овозможува кучињата да се социјализираат, да стекнат рутина и повторно да изградат доверба во луѓето, што значително ги зголемува шансите за успешно вдомување. Како поддршка на згрижувачите, „Лајка“ ќе обезбеди храна за целото времетраење на престојот, комплетна ветеринарна грижа, стручна поддршка и насоки, промоција на кучето за вдомување- велат од претпријатието.
Директорката Радмила Пешева за „Слободен печат“ подетално ја објасни оваа програма, која според неа е исклучително важна за актуализацијата на трендот на вдомување куче и се намалува купувањето миленик, како и за добробитта на уличните животни што навиките за живеење во заедница и во дом ќе ги добијат престојувајќи со своите привремени сопственици, при што ќе излезат од стационарот и ќе ја променат средината и, како што вели директорката, ќе почувствуваат како е да се биде миленик.
Таа истакна дека од почетокот на годинава до денеска, бројот на вдомени кучиња изнесува 74, што, како што вели таа, е успех за „Лајка“ бидејќи зголемувањето на вдомени кучиња е, како што вели Пешева, знак дека акциите од овој тип помагаат, а воедно и граѓаните ја препознаваат работата на претпријатието.
Зголеменото вдомување ги ослободува капацитетите на „Лајка“
Исто така, Пешева додаде дека со зголемувањето на бројот на вдомени кучиња, се ослободува стационарот на „Лајка“ кој постојано брои околу 180 животни што се згрижуваат поради различни причини – агресивност и вознемиреност, кучиња кои биле оставени на улица од сопствениците, миленици чиј сопственик починал и слично.
– Ние како претпријатие мислевме оваа активност на привремено вдомување да биде редовна и да ја вклопиме во една од редовните програми на „Лајка“ преку која кучињата потоа полесно се вдомуваат, учат навики и имаат подготовка за да станат миленици. Притоа, ние преку оваа акција ги инволвираме и граѓаните да почнат со вдомувањето, градиме чувство на општествена одговорност што не помага само на кучињата, туку и нам како претпријатие бидејќи со зголемувањето на бројот на вдомени кучиња се ослободуваат ограничените капацитети на прифатилиштето – изјави директорката на „Лајка“.
Процесот на привремено вдомување е релативно лесен – заинтересираните можат да го контактираат претпријатието на службената електронска адреса [email protected], или преку социјалните мрежи на ЈП „Лајка“.
Во однос на примопредавањето на животното од стационарот во рацете на времените сопственици, Пешева објасни дека „Лајка“ и граѓанинот што вдомува потпишуваат договор за привремено вдомување при што сопствеништвото на кучето останува кај претпријатието, се објаснуваат правилата, се одредува временскиот период во кој кучето ќе биде надвор од стационарот, а потоа граѓаните си го земаат уличното животно и го носат во својот дом.
– Откако ќе го потпишеме договорот за привремено вдомување, на граѓаните ќе им бидат објаснети правилата и преку меѓусебен договор се одредува времетраењето на вдомување. Иако ние секогаш потенцираме дека обезбедуваме храна за целиот престој на животното, досега многу ретко времените сопственици земаат храна од нас, односно тие самите си го покриваат тој трошок – вели Пешева за „Слободен печат“.
Во февруари „Лајка“ организираше слична програма по повод Денот на вљубените насловена „Биди мојот Валентајн на еден ден“, кога граѓаните имаа можност да си одберат куче од стационарот со кое ќе го минат целиот ден, а потоа да одлучат дали ќе го вратат назад или, пак, трајно ќе го вдомат, акција за која Пешева смета дека со помош на социјалните мрежи, објавите и споделувањата од луѓето што се одлучиле денот да го поминат со куче од прифатилиштето на „Лајка“, животните биле препознаени од пошироката јавност и излегле во природа.
„Лајка“ со акција за вдомување кучиња: Биди мојот Валентајн на еден ден
– Акцијата за Валентајн беше еден начин кучињата да бидат препознаени од јавноста како миленици чие место не е во кафез, туку во нечиј дом, да бидат шетани во кафуле, парк и слично, со што повторно целта беше да се зголеми трендот на вдомување – вели Пешева.
Директорката истакна дека е многу задоволна од оваа акција и дека во иднина ќе има повеќе слични акции за подигнување на општествената одговорност на граѓаните, кои наместо да купуваат кучиња, сè повеќе ќе вдомуваат миленици од прифатилиштето на „Лајка“.


