Глутница улични кучиња на улицата „Женевска“ во Карпош / Фото: Принтскрин

„Лајка“ бара трпение од граѓаните: Глутниците кучиња низ Карпош се плашливи и тешко се заловуваат

Карпошани веќе подолг период немаат мир од глутниците кучиња низ населбите на оваа општина, особено во регионот кај Сити мол и во Тафталиџе. Граѓаните со страв се движат по улица, затоа што кучињата се агресивни, напаѓаат, а апелите до институциите досега не дадоа никаков резултат.

Затоа, маката со која се соочуваат најчесто ја споделуваат на социјалните мрежи приложувајќи фотографии и видеа за состојбата со кучињата на улиците, честопати алармирајќи за напади и каснувања од бездомните животни.

Вчеравечер се огласија од ЈП „Лајка“ со информација до граѓаните дека интензивно постапуваат на територијата на општината,  поточно во населбите Карпош 4, Нерези и Тафталиџе 2, со цел заловување на кучињата кои во изминатиот период се групирале во поголем број.

Ја разбираме загриженоста на граѓаните и затоа вложуваме максимални напори овој проблем да биде решен во најкраток можен рок. Сепак, сакаме да појасниме дека станува збор за исклучително плашливи и диви кучиња кои избегнуваат контакт со луѓе, поради што нивното заловување бара повеќе време, трпение и повеќекратни излегувања на терен. Апелираме до граѓаните да имаат разбирање и да не преземаат самостојни активности кои би можеле дополнително да го отежнат процесот на заловување. Нашите екипи секојдневно се на терен и работат на безбедно и хумано решавање на ситуацијата – велат од „Лајка“.

ВИДЕО | Карпошани со страв се движат од глутниците кучиња – „Независни за Карпош“ бараaт итно решение

Оттаму додаваат дека од повеќе граѓани добиле информации и пријави за наводни планови за расфрлање отров со цел намалување на бројот на кучињата. Најостро го осудуваме секој ваков обид.

Освен што претставува сурово и незаконско постапување кон животните, расфрлањето отров претставува сериозна опасност за јавното здравје и безбедност. Отровот може да биде фатален не само за кучињата, туку и за домашните миленици, дивите животни, па дури и за граѓаните, особено за децата кои секојдневно ги користат јавните површини. Ги повикуваме сите граѓани доколку забележат сомнителни активности или поставен отров веднаш да ги известат надлежните институции – предупредуваат од „Лајка“.

Имено деновиве по социјалните мрежи беа објавувани најави дека ќе се расфрла отров кај Сити мол, што предизвика загриженост кај граѓаните заради опасноста на која се изложени и животните и децата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот