Новиот закон за миленици е ригорозен и јасен, но заглави во бирократијата
Планираните измени предвидуваат ригорозни казни за неодговорните сопственици, но како што образложуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“, во фокусот ќе биде решавањето на проблемот со улични кучиња.
Агенцијата за храна и ветеринарство во соработка со голем број институции, здруженија и претпријатија подолг период ги подготвува предлог-измените на Законот за благосостојба на милениците, кои се ригорозни и предвидуваат поголема контрола на сопствениците и ветеринарите, задолжителна стерилизација и кастрација, трајни забрани за чување миленик по одредени престапи, како и задолжителна обука на сопствениците на одреден тип кучиња.
Препорачано
Скопските улици под нова опсада од глутници кучиња, во Карпош е најкритично
Проблемот со бездомните кучиња трае со месеци
Веќе со години Скопје е преплавено од улични кучиња, жителите на речиси сите општини последниве месеци секојдневно објавуваат видеа и фотографии на социјалните мрежи од глутници кои се очигледно изгубени, исплашени и на непознат терен, често без ушни маркички, а сите овие карактеристики насочуваат кон една од најштетните појави во главниот град, а тоа е организираниот дотур на кучиња од внатрешноста директно на скопските улици.
Но, она што е најголем и засега нерешлив проблем за напливот на кучиња по улиците е неодговорното сопствеништво. Никој не знае колку миленици завршуваат на улиците нечипирани и нестерилизирани, кога ќе им здодее на сопствениците да ги чуваат дома. Уште помалку се знае кој сѐ има нерегистрирани легла дома, а кучињата се продаваат нелегално преку огласи на социјалните мрежи без никаква контрола.
Расте трендот за вдомување, од јануари 74 кучиња стационарот на „Лајка“ го замениле со нов дом
Од друга страна повиците за решавање на проблемот со улични кучиња редовно се насочени кон ЈП „Лајка“, која нема ниту надлежност ниту капацитет за трајно да ги тргне од улиците.
Според последните податоци што ги доби „Слободен печат“, претпријатието брои 180-тина боксови, кои во најголем дел од времето со целосно исполнети, а земајќи ги податоците од „Лајка“, само минатата годината биле уловени и третирани нешто над илјада кучиња.
Градот плаќа стотици илјади евра отштета
Како што расте бројот на кучиња по улиците, така расте бројот и на каснати граѓани, а со тоа и износот за исплатени отштети кои се одлеваат од Буџетот на Град Скопје и „Лајка“, кои годишно исплаќаат енормни суми кон каснатите граѓани.
Исплатата се врши по поднесено барање за надоместок на штета и медицински извештај од повредата, по што се добива надоместокот што е во висина од 30 до 60 илјади денари, во зависност од степенот на повреда, доколку Градот и оштетениот се спогодат вонсудски. Доколку оштетениот реши да го тужи Градот и „Лајка“, тогаш трошоците знаат да достигнат и повеќе од 120.000 денари.
Град Скопје им исплати 750 илјади евра на каснатите од бездомни кучиња
Од Град Скопје неодамна објавија дека биле исплатени вкупно 750 илјади евра на скопјани поради каснување од улични кучиња, додека, пак, ЈП „Лајка“ исплатила околу милион денари, која е максималната сума која ја има предвидено претпријатието за овој тип исплати годишно.
Во однос на исплатата за каснувања од улично куче, градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски во неколку наврати изјави дека има многу чудни исплати, каде што еден или двајца адвокати застапуваат граѓани што повеќепати годишно се каснати од истото куче, алудирајќи кон злоупотреби на системот за надоместок при каснување од куче.

Неодамна на оваа тема се огласија и од здружението за заштита на животните „Анима мунди“, од каде што изјавија дека системот за обесштетување каснувања од улично куче е компромитиран и злоупотребуван и соопштија дека имаат сознанија дека дел од пријавите се лажни и измислени.
– Особено загрижува што веднаш по пријавување, на наводно оштетени лица им се јавуваат адвокати со понуда за застапување. Како доаѓаат до нивните телефонски броеви? Ова отвора сериозни сомнежи за незаконско споделување лични податоци од институции – велат од здружението.
Овие појави доведуваат до трошење јавни пари, при што се создава омраза кон животните, а невини кучиња ја плаќаат цената. А цената најчесто е онаа најскапата, труење, тепање, малтретирање и масакрирање на животните, како што видовме минатиот викенд во Кисела Вода, каде што беа пронајдени две отруени угинати улични кучиња.
АХВ изготви конкретни измени на Законот за миленици
Сево ова доведува до прашањата како ќе се ограничи нерегулираното размножување на домашните миленици, нивното оставање на улица од страна на сопствениците, како и продавањето на нечипирани и нерегистрирани кучиња за кои нема никаква евиденција.
Сиве овие проблеми се опфатени со новите измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните, кој веќе подолго време го изготвува Агенцијата за храна и ветеринарство.
Нов закон за домашни миленичиња во Македонија – несоодветно шетање куче ќе ве „чини“ 400 евра
Планираните измени предвидуваат ригорозни казни за неодговорните сопственици, но како што образложуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство за „Слободен печат“, во фокусот ќе биде решавањето на проблемот со улични кучиња.
– Новите измени и дополнувања на Законот за заштита и благосостојба на животните очекуваме дека по донесувањето ќе го промени решавањето на основните прашања што се однесуваат пред сè на популацијата бездомни животни, но и на одговорното сопствеништво. Со Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба, се врши усогласување со Законот за прекршоци и Законот за инспекциски надзор и се воведува неколкукратно зголемување на висината н глобите преку утврдување на точен распон на висината на прекршочните глоби – велат од АХВ.
Законското решение предвидува трајна забрана за чување нов миленик доколку некој напушти домашен миленик, казни од 400 евра за сопственик кој несоодветно ќе чува и ќе шета миленик, а за предизвикување болка, страдање или повреди, мачење и сурово и нехумано однесување и убивање животни ќе се казнува со глоба од 5 илјади евра.
Како што објаснуваат од АХВ, со овој закон се предвидува строга контрола на размножувањето на кучиња со воведување задолжителна стерилизација и на сопственичките и на бездомните кучиња, регистрирање на одгледувачници на кучиња, а ќе се забрани и продажба и давање на подарок на нерегистрирани домашни миленици.
Исто така, со ова законско решение строго ќе се забрани и држење на миленици што не се во електронската база на податоци на Агенцијата, а нема да биде дозволено се чува куче кое постојано ќе биде врзано на синџир.
Ќе се воведе и поголема контрола на пансионите за миленици, а се предвидува и формирање на Центар за трајно згрижување бездомни и напуштени животни, како и посредување за вдомување миленик.
За првпат, како што велат од АХВ, Општините ќе треба да направат систем за контрола на уличните мачки, а предвидена е и задолжителна обука за сопственици на одредени раси кучиња.
Каде е предлог-законот?
Законското решение изготвено од АХВ, усогласено и изработено со сите релевантни институции и здруженија, било електронски проследено и доставено до надлежното Министерство за земјоделие, велат од Агенцијата за „Слободен печат“.
Сепак, од Министерството за земјоделие за „Слободен печат“ брифираа дека до нив сѐ уште не е доставено законското решение.
– Нацрт-законот за заштита и благосостојба на животните не е доставен од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Откако ќе биде доставен до МЗШВ, текстот ќе биде разгледан и доколку има потреба Министерството ќе даде свое мислење и забелешки за предлог законот за заштита и благосостојба на животните – одговорија од Министерството.
Овој нацрт-закон е можеби најважен во споредба со сите претходни активности и иницијативи за регулација на овој проблем, но навистина е чудно и несоодветно како може законско решение од олкава важност да талка по институциите, една да го праќа, а друга да не го добива, правејќи застој и бирократска пречка за тој да стапи на сила како правен лек за несоодветното парење миленици, нивното нерегистрирање, неодговорните сопственици, како и за нелегалниот дотур од другите градови директно на скопските улици.


