Отварање на ЈП Лајка - Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска - Слободен печат.

Иако се заловуваат и вдомуваат стотици кучиња, „Лајка“ и Градот дебело плаќаат отштети за гризнати граѓани

Според податоците од претпријатието, минатата година помеѓу 370-400 заловени кучиња биле вдомени откако ги поминале сите потребни процеси и проверки. За отштета од каснување, „Лајка“ во 2025 година исплатила околу еден милион денари

Дека големиот „порој“ на улични кучиња во изминатата година воопшто не забавил, туку продолжува со исто, ако не и побрзо темпо, говорат бројките на заловени кучиња од страна на ЈП „Лајка“, кои имале полни раце работа со наоѓање и подигнување повеќе од илјада улични животни од скопските улици. Притоа касата на претпријатието се „олеснила“ за околу еден милион денари поради платени отштети за каснување граѓани.

Претпријатието „Лајка“, кое е под капата на Град Скопје, во изминатата година најмногу работа имало во општина Гази Баба, каде што за една година собрале дури 259 улични кучиња, додека, пак, зад нив е Ѓорче Петров, каде што претпријатието заловило 134 улични кучиња. На третото место е Бутел со 130 заловени кучиња, потоа Кисела Вода со 124 животни.

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

Помалку од сто заловени улични кучиња имало во општините Аеродром – 97 животни, потоа Центар со 94 и 92 заловени кучиња во општина Карпош, брифираат од „Лајка“.

Од десетте скопски општини, само Општина Шуто Оризари и Општина Сарај немаат склучено договор со градското претпријатие, поради што „Лајка“ нема надлежност да дејствува на нивните територии.

Од „Лајка“ за „Слободен печат“ велат дека причината поради која Шуто Оризари нема склучено договор е недостигот на средства во општинскиот буџет за годишната исплата од 2 милиони денари кон градското претпријатие, додека, пак, Општина Сарај има склучено договор со други приватни оператори што треба да ги заловуваат кучињата од улиците.

– Соработуваме со сите погоре набројани општини што имаат склучено договори преку кои тие за нашите услуги исплаќаат 2 милиона денари годишно. Само општините Шуто Оризари и Сарај не се под наша надлежност бидејќи со нив немаме договор. Имавме неколку обиди да се договориме со Шуто Оризари, но нивниот буџет не може да ги алоцира овие средства. Општина Сарај, пак, си има склучено договор со приватни оператори и затоа нејзината територија не е под наша надлежност – велат од претпријатието за „Слободен печат“.

Оттаму нагласија дека и покрај тоа што немаат надлежност, во некои случаи, по пријава од жители, претпријатието испраќало своја екипа во Шуто Оризари, каде што во изминатата година биле заловени вкупно 38 кучиња.

Во 2025 година заловени повеќе од илјада улични кучиња

Сѐ на сѐ, според податоците од „Лајка“, бројката на заловени улични животни изнесува повеќе од илјада или како што претходно информираше директорката Радмила Пешева, заловувачите во изминатата година подигнале вкупно 1.006 улични кучиња од скопските улици, кои по заловувањето добиле целосен третман, односно стерилизација, вакцинација, чипирање и други прегледи, по што поголем дел од нив повторно биле вратени назад на локацијата од која биле подигнати, а дел биле вдомени.

– Сите кучиња кога ќе бидат уловени, поминуваат тестови за агресивност и за социјализација, кои се прават кај нас од сертифицирани професионалци. Според нашето искуство, 99 проценти од кучињата, како груба процена, успешно го поминуваат тестот за социјализација. Значи, реално немаме агресивни кучиња и следствено на тоа, здрави, вакцинирани за беснило, третирани од надворешни и внатрешни паразити, кастрирани и стерилизирани и со поминат тест за социјализација ги враќаме на локацијата од каде што се заловени. Tоа е нашата програма и тоа треба да го правиме масовно и брзо – објасни тогаш Пешева за „Слободен печат“.

Отварање на ЈП Лајка – Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска – Слободен печат.

Во однос на вдомувањето, од „Лајка“ нè информираа дека околу 30 проценти од сите заловени кучиња што ги поминале сите тестови, вакцинации и биле стерилизирани, потоа биле вдомени.

– Нашата обврска е заловување, стерилизација и социјализација на уличните кучиња, но нашата цел е да се зголеми процентот на вдомени животни, кој сега изнесува околу 30 отсто – велат од „Лајка“.

Според податоците од претпријатието, минатата година помеѓу 370-400 заловени кучиња биле вдомени откако ги поминале сите потребни процеси и проверки.

– Инфраструктурно, претпријатието располага со околу 140 бокса што се поделени на два дела – едниот дел е карантински каде што се носат кучињата откако ќе бидат заловени, додека пак вториот е постоперативен, каде што животните се сместуваат по сите интервенции и се подготвуваат за вдомување или враќање назад од местото каде што биле подигнати – соопштија од „Лајка“.

Во Скопје се истоваруваат глутници кучиња

Постојаното појавување нечипирани кучиња, појава за која и јавноста и ЈП „Лајка“ се свесни дека е честа и не е случајна, земајќи предвид дека се појавувале кучиња со маркички од соседните држави или, пак, животни без ушна маркичка и без информација за нивното потекло, ниту пак од каде биле донесени, ги прави ранливи на новата околина поради која имаат страв и непредвидени реакции, меѓу кои е и агресивното однесување.

Анима Мунди: Улични кучиња во Скопје со ушни маркички од Албанија, бараме итна истрага за нелегалниот транспорт

Оттаму велат дека годинава имало многу пријави за глутници кучиња што одеднаш се појавиле на одредена локација, како што беше примерот во Карпош спроти „Сити мол“ пред околу еден месец, а оттаму посочија дека значителен број пријави имало и од Гази Баба.

– Постојано добиваме пријави за нови кучиња по скопските улици. Најголем дел се од Гази Баба, особено во околината на фабриките во Железара, но неодамна имавме и случај во Јурумлери, каде што пет неевидентирани и нечипирани кучиња агресивно влегоа во двор и нападнаа женка, по што нашата екипа ги залови – информираат од претпријатието.

Најмногу каснати граѓани во Гази Баба

Во однос на каснувањата, „шампион“ на Скопје е Општина Гази Баба, од каде што МВР добило вкупно 168 пријави за каснување од улично куче, додека, пак, на второ место е Аеродром, каде што Министерството минатата година евидентирало вкупно 144 пријави.

– Според податоците на МВР, најмногу пријави за каснувања има во полициската станица Гази Баба – 168, потоа во Аеродром – 144, Центар – 125, додека во Кисела Вода и во Драчево имало вкупно 100 пријави за напад од улично куче – брифираат од „Лајка“.

Од преостанатите општини, 90 пријави за каснување имало во Карпош, додека во ПС Чаир биле регистрирани 53 пријави.

ФОТО | Чопор улични кучиња кај „Сити мол“, карпошани тврдат дека се донесени од друга локација

Според податоците од претпријатието, лани биле евидентирани вкупно 680 пријави за каснување од улично куче. Поради големиот број пријави на годишно ниво, исто така голем е бројот и на оштетени граѓани што имаат право на надоместок за штета направена од каснување од бездомно куче.

Од април 2022 година, Советот на Град Скопје донесе Одлука за надоместок на материјална и нематеријална штета предизвикана од бездомни кучиња на јавни површини, односно исплаќањето да се врши вонсудски со цел намалување на судските трошоци.

– Со оваа Одлука се утврдува вонсудско спогодување во постапка по која ќе може да се исплаќа штета во согласност со судските практики. Вонсудското спогодување е во полза на намалувањето на енормните трошоци што произлегуваат од судските постапки и сите придружни процедури – информираа тогаш од Градот.

Во однос на исплаќањето на штети, од „Лајка“ ни одговорија дека минатата година исплаќањето надоместок за каснување го „олеснил“ буџетот на претпријатието за еден милион денари.

Отварање на ЈП Лајка – Скопје, 14 октомври 2020 / Фото: Драган Митреска – Слободен печат.

Град Скопје плаќа поголем дел од отштетата

Сепак, оттаму нагласија дека претпријатието има договор за солидарност за исплаќање штета за каснатите со Градот Скопје, при што поголемиот дел од штетата се исплаќа директно од „градската каса“, покрај речиси 15-те илјади евра што биле исплатени од претпријатието.

До објавувањето на овој текст, од Град Скопје не добивме одговор колку пари од градската каса биле наменети за оштета за каснување од куче, ниту, пак, колку вкупно барања за надоместок добиле во текот на минатата година, но со оглед на тоа што само „Лајка“ платила 1 милион денари, износ што, според претпријатието, е значително помал од оној што го исплаќа Градот, сумата што е исплатена исто така веројатно изнесува илјадници, ако не и стотици илјади евра.

АХВ добила „зелено светло“ за изградба на гробишта на миленици, секоја Општина треба да предложи локации

Илјадниците заловени кучиња и илјадниците евра исплатени за надоместок за каснување од улично куче уште повеќе ја докажуваат потребата реакција на МВР во однос на спречување и санкционирање на планираното и обемно превезување и оставање кучиња од околните градови и села сред Скопје, кои не се ниту проверени ниту стерилизирани, а за нив надлежните дознаваат или откако некој ќе ги забележи или, пак, кога некој ќе биде каснат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот