„Здраво геј луѓе“: Мадона го претвори Тајмс Сквер во ноќен клуб со ненајавен концерт за Месецот на гордоста
Поп-иконата Мадона уште еднаш покажа зошто со децении останува една од највлијателните личности во музиката и поп-културата. На 4 јуни таа приреди спектакуларен концерт на њујоршкиот Тајмс Сквер, претворајќи го најпознатиот градски плоштад во огромен ноќен клуб под отворено небо.
Препорачано
Настанот се одржа во рамките на одбележувањето на Месецот на гордоста, а Мадона пред илјадници обожаватели изведе дел од своите најголеми хитови, но и премиерно претстави песни од новиот албум „Confessions II“, кој ќе биде објавен на 3 јули.
Облечена во впечатлив розов корсет, со високи чорапи и сребрени чизми, 67-годишната пејачка ја поздрави публиката со зборовите: „Здраво, геј луѓе!“, по што следуваше вечер исполнета со музика, танц и пораки за поддршка на ЛГБТК+ заедницата.

За време на концертот беа прикажани фотографии од личности кои оставиле значаен белег во историјата на движењето за човекови права, меѓу кои активистката Марша П. Џонсон, уметникот Кит Харинг и фотографот Роберт Мејплторп.
Мадона ги изведе хитовите „Hung Up“, „Get Together“ и „I Love New York“, а публиката за првпат ги слушна и новите песни „I Feel So Free“, „Bring Your Love“ и „Love Sensation“. Во еден момент таа ја рекреираше и една од промотивните фотографии за новиот албум, позирајќи со звучник поставен меѓу нозете.
Мадона како геј икона
Малку музички ѕвезди имаат толку силна и долготрајна врска со ЛГБТК+ заедницата како Мадона. Нејзината поврзаност започнала уште во тинејџерските години, кога нејзиниот професор по танц Кристофер Флин ја вовел во геј заедницата во Детроит. Подоцна, по преселбата во Њујорк, голем дел од нејзините најблиски пријатели, соработници и танчери биле припадници на ЛГБТК+ заедницата.
Во текот на кариерата, таа отворено зборуваше за еднаквост, прифаќање и човекови права. Во време кога ХИВ/СИДА-та беше силно стигматизирана, а многу јавни личности избегнуваа да ја поддржат заедницата, Мадона беше меѓу првите светски суперѕвезди кои јавно зборуваа против хомофобијата и се вклучија во подигање на свеста за кризата.

„Немаше да имам кариера доколку не беше геј заедницата“, е една од нејзините најпознати изјави, која често се цитира и денес.
Нејзината музика и визуелен израз имаа огромно влијание врз популаризацијата на делови од геј културата. Особено се издвојува песната „Vogue“, која ја внесе „ballroom“ и „voguing“ културата во мејнстримот и денес важи за една од најпознатите ЛГБТК+ химни.
Зошто јуни е Месец на гордоста?
Јуни ширум светот се одбележува како Месец на гордоста, период посветен на видливоста, правата и културата на ЛГБТК+ заедницата.
Причината лежи во настаните од јуни 1969 година, кога посетителите на барот „Стоунвол ин“ во Њујорк се спротивставиле на полициска рација. Протестите што следувале, познати како Стоунволски немири, денес се сметаат за почеток на современото движење за правата на ЛГБТК+ луѓето. Една година подоцна, во Њујорк, Чикаго, Лос Анџелес и Сан Франциско биле организирани првите маршеви на гордоста.

Со текот на времето, Месецот на гордоста прерасна во глобално движење што се одбележува во десетици земји преку паради, концерти, културни настани и кампањи за еднакви права. Во САД, јуни официјално е прогласен за Месец на гордоста во 1999 година.
Парада на гордоста во Скопје
Историски момент за домашната ЛГБТИ заедница беше 2019 година, кога се одржа првата Парада на гордоста во Скопје. Повеќе од илјада луѓе тогаш излегоа на улиците на главниот град, испраќајќи порака против насилството, стигматизацијата и дискриминацијата.
Една година подоцна, поради пандемијата на ковид-19, настанот се пресели во виртуелниот простор преку низа онлајн активности, дискусии и културни содржини. Во 2021 година, под слоганот „Вон ѕидовите“, повторно се одржа Парадата на гордоста, со порака дека борбата за еднаквост и човекови права не смее да запре ниту во време на глобална здравствена криза.

Оттогаш, Парадата на гордоста се одржува секоја година во Скопје, прераснувајќи во еден од најпрепознатливите настани посветени на човековите права, видливоста и еднаквоста во земјата.
Годинава, „Скопје прајд“ ќе се одржи на 20 јуни под слоганот „Сите нека знаат“. Организаторите велат дека со оваа порака сакаат да укажат на отсуството на ЛГБТИК+ луѓето од пошироките политики и јавниот живот, но и да се спротивстават на тишината, стравот и невидливоста што често им се наметнуваат. „Сите нека знаат“ е повик за видливост и признание на луѓето кои се дел од секојдневието на општеството – како членови на семејства, пријатели, колеги, соседи, наставници, лекари и граѓани. Собирот ќе започне во 18 часот кај Фонтаната Лотус во Градскиот парк.



