Обвинетите во случајот „Изгрев“ во 2014 година / Фото: МРТ

Случајот „Изгрев“ заврши по неверојатни 18 години низ македонските судови

Низ годините во случајот се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот, Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши во куќен притвор.

По 18 години години низ судските лавиринти, случајот „Изгрев“ конечно ќе има завршница — правосилна ослободителна пресуда за обвинетите. На јавната седница во Апелација, во средата, Вишото јавно обвинителство побара да биде одбиена жалбата на првостепената ослободителна пресуда, која ја поднесе Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), објави „Фокус“.

-Ова значи дека „Изгрев“ заврши, чекаме само писмена потврда на одлуката на Кривичниот суд која што беше ослободителна, вели Ѓорѓи Миладинов, еден од обвинетите.

Случајот беше отворен на крајот на 2008 година, а браќата Миладинови, кои имаа заедничка фирма со МПЦ, беа обвинети за финансиски малверзации со хотелот „Изгрев“ во Струга, перење пари, измама со кредити и за давање лажни податоци. Неколкумина адвокати, судии и нотари беаа обвинети за помагање. Беа носени првостепени пресуди со затворски казни, кои се уриваа пред Апелацискиот суд, потсетува „Фокус“.

Низ годините во случајот се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот, Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши во куќен притвор. Тој тврдеше дека во случајот „Изгрев“ биле перени пари, а и самиот е сега обвинет за истото кривично дело, откако во семејната куќа му беа пронајдени 350.000 евра заѕидани во кујна.

Неодамна, судијката Даниела Димовска ја образложи ослободителната пресуда, во која главен заклучок е дека обвинетите не можеле да се гонат за кривичното дело „перење пари“, бидејќи парите потекнувале од банкарски кредит, односно станувало збор за легални средства.

„Долготрајноста на постапката создава непотребна правна несигурност за обвинетите и го нарушува принципот на економичност и рационалност на судската постапка. Имено, оваа постапка само пред судовите трае 16 години, односно од 2009 до 2025 година, истата е водена според процесен закон според кој нема ограничување колку пати првостепената ќе биде укинувана од страна на повисокиот суд и враќање на постапката на почетокот, но, сепак, тоа не смее да создаде правна несигурност кај обвинетите толку долг период“, се наведува во пресудата.

Браќата Миладинови и обвинетиот Димитрија Голабоски поминаа повеќе од 21 месец во притвор, а уште пред една деценија, Судот за човекови права во Стразбур пресече дека обвинетите незаконски биле држени во притвор додека им се судело, за што на државата ѝ беше наложено да им плати и надомест од по 3.000 евра и 1.350 евра за судски трошоци, пишува „Фокус“.

ВИДЕО: Лекар од тетовската болница снимил видео за Тик-Ток и ги покажа пациентките од гинекологија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот