На судијата Ристов му нашле 350.000 заѕидани евра во домот на неговите родители
Истражителите на Обвинителството и полиција попладнево го претресле домот на родителите на судијата на скопска Апелација Ѓоко Ристов во Неготино, каде што пронашле 350.000 евра заѕидани во простор во ѕид, соопшти доцна попладнево ОЈО ГОКК.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Како што претгодно беше објавено, станува збор за истрагата поврзана со случајот на поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој е во притвор под сомневање дека како адвокат примил 50.000 евра од неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот, а со парите требало да се поткупи судија кој би го ослободил Ѓаволот од притвор.
Судијата Ристов, чиешто име Обвинителството, согласно законските прописи, не го споменува, е осомничен за „противправно стекнување и прикривање имот за кој постојат сомненија дека е прибавен меѓу другото со дејствија на корупција и трговија со влијание“.

„Врз основа на наредба што јавниот обвинител ја побара и обезбеди од надлежниот суд денеска беше извршен детален претрес на локација во Неготино, во домот на родителите на сега осомничениот судија, каде соѕидани во простор во ѕидот до овој момент се пронајдени 350.000 евра за кои постои сомнение дека биле незаконски стекнати и прикриени. Претресите и другите истражни дејствија продолжуваат, а јавноста ќе биде известена за натамошниот тек на постапката“, велат од Обвинителството.
Од ОЈО ГОКК додаваат дека станува збор за една од најопсежните истраги поради сомненија за висока корупција во нашата држава досега, која е поткрепена со информации и известувања од Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
„Дејствијата координирани од јавниот обвинител ги преземаат припадници на Одделот за борба против организиран криминал при Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција, чија посветеност и професионален интегритет придонесе за успешно разоткривање и обезбедување докази за еден од најсериозните и најсложените облици на криминал“, се додава во соопштението од Обвинителството.
Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница


