Ѓаволот се шета низ Скопје и по болници, а МВР го бара со меѓународна потерница
Љупчо Пецов Ѓаволот, познато име во обвинителско-судската евиденција, кој е осомничен во случајот „Синџир“ и за кого постапката беше прекината бидејќи беше во бегство, се шета низ Македонија додека Министерството за внатрешни работи официјално го бара во други држави со распишана меѓународна потерница, дознава „Слободен печат“.
Препорачано
Нашите неофицијални информации дека Пецов – Ѓаволот е во Македонија и тоа слободен, ја потврдија од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Неговиот адвокат Фехми Стафа до Кривичниот суд минатата недела поднел барање да му биде заменет притворот со куќен притвор, наводно во негово отсуство, за што понудил гаранција и документација од официјални државни институции.
Кривичниот суд побарал од Обвинителството да достави мислење по предлогот на одбраната, но Обвинителството од документите сфатило дека Пецов бил во Македонија. За тоа од Обвинителството обезбедиле и видео на кое се гледа Ѓаволот.
-Веднаш по добивањето на поднесокот од судот, јавниот обвинител ја извести Единицата за потраги и издаде Наредба за негово пронаоѓање, како и постапка за барање податоци со која истражители од Управата за финансиска полиција обезбедија материјални докази, меѓу кои и видеозаписи, со кои се потврди присутноста на осомничениот. Обезбедените докази се доставени и до ОЈО Скопје заради утврдување на елементи на кривични дела од нивна надлежност.
Во исто време, имајќи предвид дека лицето е во бегство, дека влегло на нелегален премин, што ја потврдува веројатноста дека кога сака може повторно да излезе од државата, како и фактот дека не се променети и другите околности врз основа на кои предложило притвор, Обвинителството до Основниот кривичен суд достави негативно мислење по однос на првиот предлог – велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција за „Слободен печат“.
Вчера Кривичниот суд до Обвинителството доставил нов предлог од одбраната во кој имало документи од универзитетски клиники, односно Ѓаволот и оваа седмица бил и по болници во Скопје.
– Во текот на вчерашниот ден од страна на Основниот кривичен суд Скопје е доставен нов предлог од одбраната во кој меѓу другото се содржани документи од универзитетски клиники од кои може да се утврди дека лицето било присутно и оваа седмица низ Скопје. Веднаш по добивање на новото барање, на мислење од судот, јавниот обвинител ја извести Единицата за потраги и со писмен поднесок побара да се постапи веднаш по претходно издадената наредба за негово пронаоѓање – додава Обвинителството.
„Слободен печат“ утрово побара информација и од Министерството за внатрешни работи за тоа дали лицето е лоцирано и уапсено, но оттаму ни рекоа дека се бара.
-Министерството за внатрешни работи е во постојана комуникација со надлежните служби од државите во кои според оперативните информации лицето би можело да биде лоцирано. Во случај на пронаоѓање, ќе следат сите неопходни мерки и активности, со цел негово враќање во државата – велат од МВР за „Слободен печат“.
Од Кривичниот суд најавија информации за во текот на денот.
Пецов Ѓаволот е еден од осомничените за финансиски криминал во случајот „Синџир“ заедно со бизнисменот Стојан Чифлигароски од Битола и се товарат дека биле организатори на групата, но за нив немаше обвинение бидејќи се во бегство. Во случајот Синџир, пак, се товари дека неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ испоставувала фактури за фиктивни услуги и со тоа го намалил ДДВ-то што требало да го плати.
Пецов и неговото семејство претходно беа осудени и во случајот „Керозин“ од пред десет години бидејќи нивната фирма „Алма комерц“ точела помалку нафта отколку предвиденото со тендерите кои оваа фирма ги добивала. Судот пресуди дека тие, како сопственици на фирмата „Алма комерц“, биле организатори на групата. Меѓу останатите осудени се и сопственици на фирми со кои соработувале, потоа возачи на цистерни, но и вработени во оштетените институции. Се проценува дека фирмата успеала да заштеди три илјади тони гориво, а со тоа да го оштети Буџетот за речиси два и пол милиони евра.


