ФОТО | Дрон со термална камера за првпат бараше и најде исчезнат човек во Охрид
Планинската спасителна служба од Охрид синоќа со специјализиран дрон со термална камера успеа да пронајде исчезнат човек, кој од непознати причини се упатил кон Студенчишкото Блато, информираат од охридскиот Црвен крст, наведувајќи дека ова е првпат да се употреби новата опрема на терен во потрага по исчезнат.
Препорачано

„Вчера, во 21:40 часот, Оперативниот центар на Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид прими повик за потрага по повозрасен сограѓанин кој, од засега непознати причини, се упатил кон Студенчишкото Блато.Поради исклучително тешките услови на теренот – густа вегетација, кал и ноќни услови – во акцијата за првпат беше употребено специјализираното беспилотно летало DJI Mavic 3T, опремено со термална камера. Оваа современа опрема, која неодамна ја набави Црвен крст Охрид, е наменета за операции за пребарување и спасување на изгубени и исчезнати лица на тешко пристапни терени, како и за откривање активни жаришта при шумски пожари на непристапни планински подрачја, кои тешко можат да се забележат со голо око“, пишува во објавата на социјалните мрежи.

„Акцијата беше успешно завршена во 23:15 часот со пронаоѓање на лицето, кое, за среќа, беше неповредено. Во неа, покрај спасителите од Планинската спасителна служба при Црвен крст Охрид, учествуваа и припадници на ТППЕ Охрид, како и членови на семејството на исчезнатото лице“, информираат од Црвен крст Охрид.

Дронот е набавен со финансиска поддршка од Prespa Ohrid Nature Trust (PONT), во рамките на проект што Црвен крст Охрид го спроведува во партнерство со Урсус Спелеос – Скопје и со Националниот парк „Галичица“, насочен кон намалување на последиците од климатските промени и јакнење на капацитетите за одговор при природни непогоди.
Драматично спасување на Шар Планина — извлечени тројца планинари, едниот имал болки во градите


