Приказна за лојалност и скромност: Знаете ли зошто Олисе на Инстаграм нема професионални фотографии од Мундијалот?
Фудбалерот Мајкл Олисе е еден од најважните фудбалери на Франција со која ќе игра полуфинале на Светското првенство, меѓутоа сега со еден потег ги собра симпатиите на пошироката јавност и покажа дека некогаш лојалноста и верноста треба да бидат во прв план.
Препорачано
Пред околу еден месец, Олисе ги избриша сите објави од својот профил на Инстаграм, што предизвика бројни шпекулации. Многумина сметаа дека со тој потег испраќа порака до Баерн Минхен поради гласините кои го поврзуваа со Реал Мадрид, но причината била сосема поинаква.
Имено, Олисе со години соработува со својата приватна фотографка Флоренс Перне, која го следи на патувањата и натпреварите и ги прави фотографиите што ги објавува на социјалните мрежи. За разлика од голем број фудбалери кои користат фотографии од големи агенции, тој отсекогаш сакал да споделува исклучиво фотографии направени од неа.
За време на Светското првенство, Флоренс не доби дозвола за влез во САД, поради што не можела да биде покрај него и од лице место да му прави фотографии. Наместо да ангажира друг фотограф или да користи професионални фотографии од натпреварите, Олисе се одлучил за несекојдневен потег.
View this post on Instagram
Тој ги избриша старите објави, а оттогаш на Инстаграм споделува исклучиво фотографии што Флоренс ги прави од својот дом, фотографирајќи ги телевизиските преноси на неговите натпревари. Поради тоа, неговите нови објави имаат препознатлив изглед на фотографии направени од ТВ-екран, наместо висококвалитетни снимки од стадионите.
Со овој гест, Олисе сакаше да покаже дека неговата долгогодишна соработничка, иако не е физички присутна на стадионот и понатаму останува важен дел од неговиот пат.
Потегот на францускиот фудбалер доби бројни позитивни реакции, а многумина го оценија како пример за лојалност, благодарност и скромност, вредности кои сѐ поретко се гледаат во современиот врвен фудбал.
View this post on Instagram


