Централна лабораторија за животна средина, фото: МЖСПП

Лабораторијата за животна средина доби нов инструмент за анализа, ама уште нема акредитиран метод за аерозагадување

Државната лабораторија на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) набави нови ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух.

Со него, како што велат од министерството, значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.

„Следен чекор е кадровското доекипирање, а за таа цел Министерството ќе иницира постапка на владино ниво“, посочи ресорниот министер Муамет Хоџа при посетата на лабораторијата.

Фото: МЖСПП

Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје.

„Лабораторијата ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води“, рече министерот.

Она што следува, како што кажа, е „забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори“.

Државната лабораторија сѐ уште не е акредитирана за воздух, недостасуваат уште двајца вработени

Немањето акредитиран метод за аерозагадување е еден од најголемите проблеми што со години го споменуваат еколошките активисти и експерти. Додека не се акредитира за воздух, државната лабораторија е неупотреблива во борбата со загадувањето, иако треба да има улога на контролна институција. Инспекторите мораат да користат услуги од приватните акредитирани лаборатории, кои се скапи за буџетот на Државниот инспекторат за животна средина.

Со тоа, фабриките практично си мерат сами колку загадуваат, откако ќе викнат комерцијална лабораторија, па во јавноста останува сомнежот за можна спрега меѓу некој капацитет и лабораторија. Од друга страна, ниту една приватна лабораторија нема да си дозволи да врши супервизија на друга комерцијална акредитирана лабораторија.

Токму затоа и едно од барањата на иницијативата „Стоп за Усје“ беше конечно да се акредитира државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.

„Не веруваме во модел каде што индустриски капацитети сами мерат и сами пријавуваат податоци за загадувањето“, рекоа од иницијативата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот